Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Упатувам сериозна загриженост поради неодговорното однесување на дополнителната заменик министерка за финансии од ВМРО-ДПМНЕ, Елена Петрова, која го блокира процесот на вработување на 1.117 лица во јавното здравство, изјави денеска на прес-конференција заменик министерката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева.

Таа нагласи дека ова не само што е неодговорно, туку е и опасно за нашето здравство, за граѓаните и за вработените во здравствениот систем.

– Да потсетам, Владата обезбеди решение за статусот на најголем дел од вработените во здравството со договор на дело и на неопределено време. Со одлука на Владата, вработувањата на 1.117 лица во здравството се обезбедени. Но, овие вработувања се блокирани од страна на дополнителната заменик министерка за финансии, Елена Петрова, само неколку дена пред изборите, без посебна причина, без тронка одговорност кон вработените во здравствените установи и без тронка грижа кон пациентите на кои им е потребна професионална грижа и нега. Ова не може да се дозволи – подвлече Манолева.

Таа нагласи дека никој, посебно не функционери во извршната власт, не смеат да играат со судбината на 1.117 млади здравствени работници и да претставуваат главна пречка во работата на здравствените установи.

– Нашите доктори и здравствени работници се една од најголемите вредности во нашата држава. Тие ги заштитуваат нашите животи, го подигнуваат квалитетот на здравство и се борат за нашата здравствена состојба. Ние не можеме и не смееме да дозволиме ваквите политички игри да ја стават под ризик работата на здравствените работници – истакна Манолева.

Таа додаде дека младите доктори и македонското здравство не се тема за политика, тие се претставници на здравјето на граѓаните и мора да бидат заштитени и потпомогнати во секој аспект, без разлика на политичките збиднувања во државата.

Манолева рече дека ваков тип на блокади досега немало и не смее ова да стане политичка пракса, затоа што унапредувањето на здравствениот систем во земјава не смее да зависи од несовесното однесување на поединци. Нашите доктори, истакна таа, докажаа дека тука можат да изведуваат софистицирани интервенции, од најсложени операции до трансплантации коишто во минатото ги немало.

Затоа, рече Манолева, сите оние млади доктори и други здравствени работници коишто работат во моментов под договор треба да го продолжат своето работење во јавните здравствени установи и да го надополнуваат својот, меѓутоа и здравствениот капацитет на државата. Покрај овие 1.117 лица, од јавно-здравствените установи, информираше таа, веќе е побарано до Министерството за финансии да одобри дополнителни вработувања на неопределено време, со што би се искористил потенцијалот за вработување на нови здравствени работници (доктори, медицински сестри…) и помошно технички персонал.

– Овие вработување се и една од мерките како да се задржи младиот и стручниот кадар во Северна Македонија. Затоа, јавно барам од дополнителната заменик министерка за финансии веднаш да го одблокира процесот и да ги потпише документите – истакна Манолева.

Таа додаде дека овие лица се клучни за напредокот на нашето здравство, особено со големиот број на универзитетски кадри и големи општи болници и здравствени домови.

– За овие работи мора да бидеме совесни, да го ставиме здравјето на граѓаните пред сè друго, мораме да ги заштитиме нашите доктори, здравствени работници и пациенти, без притоа да дозволиме да бидат дел од политичките игри што носат штета за општото добро на сите граѓани во Република Северна Македонија – подвлече Манолева.

По барање на министерот за финансии Фатмир Бесими, Државната изборна комисија на 9 февруари донесе одлука, што ја добивме денеска, со која утврди дека предметите и актите што биле доставени до мене, како дополнителен заменик министер за финансии, а се однесуваат на унапредувања и вработувања, не претставуваат акти или документи што се однесуваaт на правни, финансиски и кадровски прашања, поврзани со организацијата на изборите, од член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија. Оваа одлука е конечна, пишува во соопштението на дополнителната заменичка на министерот за финансии во техничката Влада, Елена Петрова, која како што вели, реагира на денешната прес-конференција на заменичката на министерот за здравство, Манолева.

– Јас како дополнителен заменик министер за финансии не се согласувам со Одлуката и истата ќе ја оспориме пред надлежниот суд. Одлуката не е донесена едногласно, односно е донесена со мнозинство од страна на членовите на Државната изборна комисија, а во прилог на образложението е доставено издвоено мислење од претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски и членот Бобан Стојаноски за несогласување со донесената одлука. Донесената одлука ќе ја почитувам и на понатамошна исклучива надлежност и потпишување ќе ги доставам сите акти и документи што се однесуваат на следното: согласности за вработувања на неопределено време, определено време и по договори на дело за повеќе институции; согласности за унапредувања за повеќе институции; согласности за преземање на работници од повеќе институции; измена или склучување на нови колективни договори со кои се одлучува за права од работен однос од повеќе институции – пишува во соопштението.

Петрова потенцира оти од увидот во документите, „заклучив дека определен дел од истите се доставени до министерот за финансии во месеците декември и јануари, односно многу порано пред формирањето на преодната влада и истиот, доколку сакал, имал доволен период да ги реши овие прашања“.

– Сметам дека е непринципиелен и нефер овој однос кон овие институции односно лица да не им се издаваат бараните согласности во периодот пред формирањето на преодната влада, кога министерот имал реална можност да го направи истото. Доколку имал искрена намера до сега ќе им бил решен статусот, меѓутоа очигледно е дека не постоела волја, туку само обид за затскривање и барање алиби со тактизирање и чекање на стапување на функција на дополнителниот заменик министер за финансии. Истото се однесува и со склучување нови колективни договори, или давањето на согласности за анекси на колективни договори, со кои се регулираат правата од работен однос на вработените од јавниот сектор – пишува Петрова.

Таа додава дека „како дополнителен заменик министер, не сум била пречка за остварување на правата на овие лица, туку, напротив, барав да го усогласиме нашето постапување согласно законските одредби што се применуваат во овој предизборен период. За истото побарав мислење и од надлежната Државна комисија за спречување на корупција, но, сѐ уште немам добиено никако одговор“.

– Воедно истакнувам дека се оградувам од секаква одговорност при преземањето на какви било дејствија од страна на министерот за финансии во однос на наведените предмети – истакнува Петрова.