Амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо со своите соработници денеска ја посети Општина Зрновци, при што со градоначалникот Борчо Коцев разговараше за унапредување на економската соработка и промоцијата на туристичките потенцијали.
Пред кинеската делегација беа претставени природните ресурси и стопанските можности со кои располага општината, како и проектите што треба да се реализираат во наредниот период.
– Благодариме за сета помош што како држава ја добивме од нашите кинески пријатели во изминатите години на билетерална соработка, особено за несебичната поддршка во текот на пандемијата. Искрено се надеваме соработката со Амбасадата да ја продолжиме и на локално ниво, особено за реализирација на проекти за кои имаме изработено планска документација. Тоа главно се однесува на заштитата на животната средина, комплетирањето на комуналната инфраструктура и развојот на туризмот – истакна градоначалникот Коцев.
Амбасадорот Ѕуо нагласи дека неговата земја е заинтересирана да даде поддршка на проектите во рурални средини, посебно за развој на етнотуризмот.
– На средбата слушнав за одлични цели што се поставени во делот на економскиот развој, развојот на урбанизмот и туризмот во општината. Се надевам дека ќе имаме одлична соработка со младинскиот совет и со жителите на оваа заедница. Заложба на нашата Влада е на меѓународно ниво да ја зајакнува соработката, особено со поддршка на малите општини. Токму затоа во наредниот период ќе ја претставиме општина Зрновци на што повеќе компании, но и пред граѓаните на Кина кои ќе можат туристички да ја посетуваат – истакна амбасадорот Ѕуо.
Во рамки на официјалниот престој во Зрновци, амбасадорот на Кина ја посети и фабриката за ориз „БМФ“ при што се запозна со начинот на преработка на оризовата арпа.