Како никогаш досега, есенва цените на кичевскиот зелен пазар се исклучително високи а граѓаните со поплиток џеб не се во можност да се снабдат со сите прехранбени продукти кои им се неопходни.
Така, при денешната посета забележавме добра понуда и намалена побарувачка предизвикана, пред се, поради екстремно високите цени. Ни најстарите негови жители не паметат дека во овој период од годината цените биле толку високи. Грозјето се продаваше по цена од 100-120 денари, крушите имаа идентична цена, килограм зелка се продаваше по 40 денари, гравот достигна астрономски 500 денари а медот се искачи на цена од 800 денари за тегла. Продавачите ги правдаат цените со лошата година која донесе помал род како и намаленото земјоделско производство во земјава.
-Глобалното затоплување даде голем придонес родот на земјоделските култури да биде далеку под очекуваното ниво како и квалитетот на производството .Токму тоа се причините кои придонесоа продажните цени да бидат толку високи.Исто така забележливо е дека во целата наша земја се помалку земјоделски површини се обработуваат а тоа се одразува и врз количеството на сите производи во земјава. Иако цените на прв поглед се високи, нашата заработка не е поголема а и количината на продадена стока е помала, бидејќи на поголем дел од купувачите продажните цени им се високи и тие купуваат во помали количества споредено со претходниот период-вели Блажо Ристов, земјоделски производител и продавач на кичевскиот пазар.
Купувачите се незадоволни од понудата и висината на цените и, како што, самите велат, овие цени наликуваат на цените во земјите од Западна Европа, каде платите и пензиите се многу повисоки.
-Било,било, ова не било.Овие цени не присилуваат или да пазариме во помали количини или да се вратиме дома со празни корпи.Само за споредба цените на гравот отидоа до плафон и овој важен производ за нас се продава и за невероватни 500 денари за килограм. Медот ги надмина сите лимити и една тегла чини минимум 800 денари а кај поедини продавачи цената се искачи и на1000 денари,додека цената на пиперките се движеше од 60 до 70 денари за килограм..Од кој џеб да купиме грозје кое се продаваше по цена од 100-120 денари .Токму од тие причини наместо добро да се снабдиме за неделава се враќаме дома со полупразни торби колку да го оправдаме одењето на пазар-вели Јордан Тренески, редовен купувач на кичевскиот пазар.
Неговото искуство го делат сите граѓани а најмногу погодени од овој ценовен цунами се пензионерите со ниски пензии кои со 12 000 денари не можат да помислат а камоли да купуваат продукти по овие цени.