Со седумминутен молк почна собирот насловен „Заеднички час“ на преполниот кампус на Скопскиот универзитет каде што студенти и професори им оддадоа почит на жртвите во пожарот во Кочани.
Настанот, кој го организираше Универзитетското студентско собрание на УКИМ, беше закажан за точно напладне но одложен половина час поради силен дожд. Потоа со кратки говори се обратија ректорката на УКИМ Биљана Ангелова и министерката за образование и наука Весна Јаневска, кои изразија сочувство до семејствата на загинатите.
Ректорката рече дека никогаш не помислила дека ќе треба да се обрати во ваков тежок момент и да одржи „ваков тежок и тажен говор“ и дека тоа се случува по шест месеци, рече, од обраќањето што на истото место го имала на 1 октомври за почетокот на академската година кога била „полна со радосни емоции“.
– Никогаш не претпоставувајќи дека за кратко време повторно ќе се обратам и дека моето наредно обраќање од ова исто место ќе биде олку тажно. Занемени сме од тага, од шок, од неверување и немоќ… Се прашуваме зошто? Но нема лесни одговори, нема зборови што навистина може да ја опишат болката за таквата загуба… Кога младите си заминуваат прерано, не жалиме само за нивното заминување. Жалиме за соништата што никогаш нема да се остварат, за смеата што повеќе нема да се слушне, за иднини што засекогаш ќе останат ненапишани. Тие беа синови и ќерки, браќа и сестри, пријатели, соученици, секој од нив уникатен, сакан. Неподнослива е болката да се изгуби некој толку полн со живот, некој чиј пат штотуку започнал- рече Ангелова.
Порача дека во овој момент не преостанува ништо друго освен да се покаже заедништво во непреболот, во болката на семејствата на загинатите, во поддршката на повредените во нивната борба за живот и оздравување. Повика и на хуманост и солидарност за донации, лични или институционални придонеси кои им бидат помош на семејствата.
Министерката Весна Јаневска истакна дека со собирот сите заедно искажуваат најдлабоко сочувство и почит кон починатите и на нивните семејства и дека седумминутниот молк ја носи пораката и енергијата од стиховите на „Тишина“ од Ацо Шопов. Како што рече, во моментот на молк почувствувала врисок и сочувство.
– Господ да им ја прости душата на починатите. Таа болка е непреболлива. Јас сум и мајка, и сестра, и тетка, и можам да разберам што се случува…. Бескрајно ви благодарам за вашето присуство затоа што вашето присуство значи свесност, значи солидарност, значи хуманост, значи споделување не само на доброто туку и на тагата и на болката. А најважно е што младите луѓе и сите ние останати заедно во овие тешки моменти можеме да го покажеме. Овде сме сите заедно за да им помогнеме на живите да ја преболат тагата. Вашата енергија е искажана преку зборовите на нашиот голем поет и ќе искажам сега како јас ја почувствував вашата присутност во седумте минути: Ако имаш нешто неискажано, нешто што те притиска и пече, закопај го во најдлабока тишина, тишината сама ќе го рече. Јас во овој момент го почувствував вашиот врисок и вашето сочувство. Тоа е најважното што треба да го носите во животот- истакна министерката.
Обраќањата на Ангелова и Јаневска беа прекинати за да биде укажана итна медицинска помош на студенти на кои им се слошило. На повиците за помош во толпата студенти, се упати и министерката Јаневска која учествуваше во интервенцијата.
Се слушнаа и извици на негодување на што претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски им укажа дека настанот не е протест туку оддавање почит. Тој соопшти дека и во наредните денови напладне ќе бидат организирани собири „Заеднички час“на различни кампуси – утре ќе се одржи на кампусот на техничките факултети, в среда на ПМФ, во четврток пред Педагошкиот факултет.
Во петок ќе биде организиран марш низ Скопје или студентите и сите заинтересирани граѓани ќе се упатат кон Кочани.
Студенти во редици чекаа да запалат свеќи за покој на душите на загинатите во пожарот, да положат цвеќе и да остават пари за поддршка на семејствата во кутиите за донации пред Филозофскиот факултет. Донираните средства ќе бидат предадени на Црвениот крст. Пред Правниот факултет, пак, е отворена Книга на жалост.