Фото: Фејсбук/ Еурофарм Пелистер

Згрозеност и неверување, повици на линч и сурова казна за осомничените, како и длабоко жалење беа изразени на социјалните мрежи во острата реакција на македонската јавност, предизвикана од објавувањето на видеоснимката од инцидентот по кој животот го загуби хрватскиот ракометар Денис Тот, во петокот.

На снимката од безбедносните камери во Градскиот парк што вчера накратко беше поставена на Јутуб, а потоа се прошири и на социјалните мрежи и медиумите, се забележува физичкиот напад по кој Тот падна на асфалтот пред самиот влез на една скопска дискотека, останувајќи да лежи без да се помрдне. Од вчера напладне до денес социјалните мрежи постојано се полнат со коментари за трагедијата.

Увидот во немилиот настан предизвика дополнителен гнев, откако граѓаните беа вознемирени поради различните информации кои првично се појавија по инцидентот, пред надлежните институции да излезат со детали за случајот. Згора, осетливиот случај доведе до препукување и меѓусебни обвинувања помеѓу политичките партии, кое трае веќе неколку дена, дополнително продлабочувајќи ги поделбите.

– Каков неописив ужас е убиството на ракометарот Денис Тот.  Ужас над ужасите, видеото не требаше да истече во јавност. Тројца млади, меѓу нив и тинејџер, крвнички газат онесвестен човек по глава пред очи на 10-ина препарирани набљудувачи и никој не се обидува да му помогне. Ужасно видео, не само по актот, туку и по психолошката и општествена порака што ја пренесува. Во што е претворено ова општество – се прашува во објава на Фејсбук.

Јавноста веќе ги прогласи за виновни осомничените, барајќи да бидат најстрого казнети додека на социјалните мрежи се шират нивните фотографии, имиња и приватни информации, додека трае истрагата за случајот. Тројцата осомничени се товарат дека со нанесување на повреди на ракометарот извршиле кривично дело „убиство“, како што соопшти обвинителството. На двајца од нив им е одреден 30-дневен притвор, додека третиот е во бегство.

– Смртна казна за убијците на Денис Тот! Две момчиња крвожедни убијци и една девојка исто жедна за крв, од снимката се гледа… – се повикува во еден коментар на Твитер.

Многумина укажуваат и на отстуството на човечност, откако на видеоснимката се забележува како повеќемина луѓе стојат отстрана, посмарајќи го нападот врз Тот, без да реагираат.

– Додека тројца го убиваа Денис Тот, група од 7-8 луѓе стои настрана, гледа и со прст не мрднува. Ужасно е видеото што излезе во јавност, ама бе што монструми живеат во државава? Ни осет, ни сочуство, ни човечност… леле…згрозена сум!  – се посочува во коментар на Твитер.

Трагедијата што ја потресе Македонија останува во центарот на вниманието на јавноста која апелира за судска разврска на случајот и на превенција на насилството за да се избегнат вакви немили настани и во иднина. М.Ж.