Фото: Игор Бансколиев

Со сослушување на вештакот Зекирија Зекири, кој е дел од имот што го изготви супервештачењето за предметот денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица и околу 30 беа повредени.

Обвинителот на почетокот од судењето поставуваше прашања кои се однесуваа на квалификации и стручност на вештакот Зекири.

Адвокатот на одбраната Сашко Дуковски во изјава за медиумите, во однос на прашањата од обвинителството кон вештакот за неговите квалификации и стручност, посочи дека поседувањето на лиценца само по себе е доволен доказ за компетентност на Зекири како вештак.

– Бевте сведоци на прашања од типот што ви е магистериумот што ви е докторатот. Се работи за лице кое има лиценца тука почнува и завршува приказната за неговата стручност, ова лице одговори точно на сите прашања и на крајот на денот се работи за тимско вештачење и на другите рочишта другите вешти лица одговорија истото што и тој го одговори и јас не гледам некаква посебна разлика што ова вешто лице би било квалификувано како што сакаат да го квалификуваат дека бил нестручен. Човекот има лиценца, застапува, и самиот кажа дека во ноември имал две вештачења, во 2022 година учествувал во неколку супервештачења, јас не знам какви референци треба некој да има за да биде вешто лице освен да има лиценца – изјави Дуковски.

Од друга страна, адвокатот на оштетените Владимир Николовски рече дека вештото лице намерно избегнувало да одговори на сите прашања кои биле поставувани од обвинителот и одбраната.

– Сите изјави на ова лице кое е доктор на науки се нецелосни дополнувани од другите вештаци некомплетни и по мене се нереални сакам да кажам дека вештото лице намерно избегнува да одговори на сите прашања кои беа поставувани од обвинителот и бранителот на шестообвнетиот со цел само да се одолговлечи и да се избегне правилната вистина во вештачењето од Машинскиот факултет – потенцира Николовски.

Синиша Ристески, роднина на загинат во несреќата додаде дека секогаш кога вештаците немале одговор се предизвикувало тензија.

– Секогаш кога адвокатите на обвинетите ќе почувствуваат дека нивните вештаци немаат одговор, не знаат да одговорат, тогаш некој од нив предизвикува тензија со цел да дојде до прекин на судскиот процес. Таа тензија како што можевте да видите на денешното рочиште со повишување на глас со оркестрирано и групно уфрлање на сите кандидати на обвинетите со цел да го деконцентрираат Јавниот обвинител и да се создаде дополнителна нервоза која потоа е карактеризирана дека ние сме тие што се закануваме правиме тензии и тоа води до прекин на судскиот процес. Ова е редовна појава од нивна страна, се обидуваат преку одолговлекување и развклекување на овој процес да постигнат една слика во која сакаат нас да не претстават како лица кои предизвикуваат тензии, меѓутоа нема да им успее таа стратегија нивна планирана оркестирана техника затоа што и покрај болката што ја чувствуваме покрај загубата на нашите најмили на најдостоинствен начин ќе продолжиме да го доведеме овој судски процес до крај – порача Ристески.

Според бранителот на обвинетите, адвокатот Дуковски пак, тензиите доаѓаат од одредени лица од оштетените.

– Еден од оштетените кој што не случајно се јавува како некој самоповикан лидер на оштетените на мојот колега денеска му се обрати „Ќе видиш ти“. Истото тоа лице нападна колега бранител на гробиштата во Гостивар, истото тоа лице неколку пати го напаѓа мојот клиент во Гостивар за што е пријавено во полициската станица во Гостивар за кривично дело загрозување на сигурност. Стотици пати ние како бранители кои ја вршиме нашата функција сме подложни на највулгарно и најбрутално пцуење од стана на дел од оштетените. Правото на одбрана е загарантирано, најмногу на свет ми е жал за трагедијата, а особено за тоа што тие го изгубиле своето најмило, но не може да се претвори ова во циркус и на постојано најбрутално и највулгарноанвредување на одбраната – изјави Дуковски.

Додаде дека ваквите предизвикани ситуации претставуваат притисок.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски. Судењето треба да продолжи на 21 следната недела.