Фото: Фејсбук

Комисијата за употреба на имиња на личности на денешната седница даде негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов поднесено од здружението Културен Центар „Иван Михајлов“ – Битола. Заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда кој ќе треба да донесе одлука по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата.

– Именувањето на здружението Иван Михајлов е провокација за националните чувства на македонскиот народ имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество – смета Комисијата за употреба на имиња на личности.

Комисијата заседаваше во полн состав. Претседател на Комисијата за употреба на имиња на личности е проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ. Нов член е и Евгениј Литовски-кустос, историчар во Министерството за култура.