Фото: МВР

Љупчо Палевски – Палчо се бара со меѓународна потерница за кривични дела „грабнување” и „убиство“ по издадена наредба од скопското јавно обвинителство, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Палевски, кој моментно е во бегство, се сомничи за организација и извршување на убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на денешната прес-конференција не го посочија Палевски со име и презиме, но одговараа на прашањата на кои изрично беше спомнат како првоосомничен во грозоморните дела. Како што информираше Спасовски, осомничениот заедно со неговиот адвокат ја напуштил Македонија со возило, заминувајќи во Белград, а потоа во Бугарија.

– Секако, главен организатор, а воедно и извршител кој со пиштол на 27.11. според досегашните утврдени докази некаде околу 10 часот ја усмртил малолетничката, исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започнатата веднаш истрага од страна на полицијата, е лицето кое ја напуштило државата непосредно по стореното кривично дело. По него се трага. Можам да ви ветам дека ќе сторам сѐ јас и институцијата, ова лице, или подобро овој монструм, на кое му ја следиме трагата, час поскоро штом стапне на наше тло, да биде изведен пред лицето на правдата – рече министерот.

Кривичниот суд во Скопје на предлог на скопското основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против Палевски, првоосомничениот во убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

МВР денес информира дека против Палевски има поднесени пет прекршочни пријави, вклучувајќи за неовластено прислушување и тонско снимање, како и поради омаловажување на полициски службеник во 2019 година.

– Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување – соопштија од МВР.

Палевски е познат во јавноста како поранешен градежен претприемач, меѓудругото кој ја изгради зградата позната како „Тифани“ на почетокот на булеварот „Партизански одреди“, за што имаше истрага, но тој не се соочи со последици. Беше и сопственик на неделникот „Старт“, а од прогресивен левичар и претседател на градската конференција на СДСМ, од пред неколку години со формирањето на движењето „Трета“, се позиционира како проруски радикален националист.

Тој пред четири години беше приведен на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, од каде сакал да пребегне за Москва, по хрватска потерница поради долг од 2.500 евра. Палевски бил активен на социјалните мрежи деновиве, освен на 27 ноември, кога исчезна Вања Ѓорчевска.


Адвокатот го однел во Белград заради преглед, тврди дека не знаел оти Палевски е осомничен за убиство

Васко Стојков, адвокат на, Љупчо Палевски – Палчо, кој е првоосомничен за организирање на киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панчо Жежовски изјави дека тој лично го однел неговиот клиент во Белград, на преглед, бидејќи немал возило. Стојков во изјава за телевизија „Телма“ да даде појаснување зошто бил со Палевски додека тој бегал од државата, вели дека не знаел оти е осомничен за убиствата и сакал да му помогне да отиде на закажаниот преглед.

– Ме замоли да го однесам во Белград, бидејќи немал возило, а не можел да обезбеди нотар за да му се преведе возилото. Јас не знаев ништо за оваа работа. Знам дека требаше да оди во Белград, кажуваше дека закажал прегледи. Ако е така, му реков, ќе те однесам. Не знаев за овие работи. Јас се вратив во Скопје, тој остана затоа што требаше да има преглед другиот ден и ми рече ако е се во ред ќе се врати назад. Ако не е во ред, рече ќе одел за Истанбул. Кога се вратив полицијата правеше претреси, ме прашаа и тогаш им кажав – изјави Стојков за „Телма“.

Стојков вели дека имал добра намера да му помогне на Палевски и дека откако дознал за што се работи се чувствува злоупотребено.

– Јас сум адвокат и ако сум знаел што било, сигурно немаше да го носам – изјави Стојков.

Според неговата изјава, откако сфатил за што го сомничат Палевски, му пратил порака да се врати и да даде исказ, бидејќи станува збор за сериозна работа. Во изјавата не открива каков одговор добил, но вели дека се ѝ пренел на полицијата, а оттогаш повеќе немал контакт со Палевски.