Во тепачка меѓу полицаец и криумчар на мигранти со службен пиштол на полицаецот е застрелан мигрант кај касарната во Гевгелија, во турканица за оружјето со криумчарот, пренесува „Макфакс“.

Според информациите, еден од илегалните криумчари го нападнал полицискиот службеник и се обидел да му го одземе пиштолот. Потоа полицаецот испукал и го погодил мигрантот којшто починал. Настанот се случил утринава.

– Кај Касарна Гевгелија од страна на полициски службеници биле забележани патничко моторно возило „мерцедес“, управувано од К.Ј. (26) и патничко моторно возило „форд фокус“, управувано од С.Б. (51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полициски службеници, по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот – велат од МВР за „Макфакс“.

Притоа, полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите.

– Мигрантот веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итна медицинска помош за укажување лекарска помош, каде починал. К.Ј. и С.Б. се приведени, а притоа осум лица мигранти се фатени – додаде МВР за „Макфакс“.

Известен е јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот. На лице место е извршен увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.