Фото: Илустрација

Тројца малолетници биле искористени за кражба од страна на 74-годишно лице. Тие ограбиле хендикепирана жена која со парите требала да си купи лекови, соопшти полицијата.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување постапка против едно лице на возраст од 74 години, за кое постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Разбојништво од член член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот делото го сторил во соизвршителство со три деца на возраст од 15, 13 и 17 години за кои ќе се води постапка согласно Законот за правда на децата.

Сите заедно, со употреба на сила врз една оштетена одзеле од неа парични средства во износ од 30.000 денари.

Откако осомничениот добил сознанија дека жртвата – лице со хендикеп и ограничено движење добила парични средства од нејзината ќерка за да купи лекови, тој ги договорил трите деца и со автомобилот ги донел во близина на нејзината куќа на улицата „Патрис Лумуба“во Скопје.

На едно од децата му дал чекан во раката, им дал усни насоки како да го извршат делото и им го кажал местото каде жртвата ги чува парите. Трите деца влегле во домот преку вратата која возрасниот осомничен претходно ја оставил отклучена, употребувајќи го клучот што оштетената му го доверила. Кога ја пресретнале жртвата, едно од децата ѝ ја затворило устата, а другите две ѝ ги држеле рацете. Ѝ го одзеле новчаникот каде ги чувала парите и веднаш избегале со возилото во кое ги чекал осомничениот.

Поради можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците и опасност осомничениот да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за полнолетниот осомничен.

За децата постапката е раздвоена, соопшти полицијата.