Пукотници, физички пресметки, закани и изнуди се само некои од методите на организираната криминална група што се занимавала со производство и продажба на крофни на подрачјето на Халкидики

Криминал во нов облик, стари методи и под маската на „производството и продажбата“ на крофни

Кога заминувате на плажа во Грција, особено на Халкидики, добро размислете пред да се одлучите да купите крофни за вас и вашите деца. Зад невината продажба на овие слатки задоволства стои разработена шема на криминалци, кои меѓусебно физички се пресметуваат, па дури и се убиваат, за да освојат што е можно поголема територија на која ќе продаваат крофни. Заработката од овој сладок бизнис, на неделно ниво, достигнува и до неверојатни осум илјади евра по „дилер“, кој, пак, дел од црниот профит ѝ предава на криминалната група што „владее“ со одредената територија.

Халкидики, бојното поле на крофна-бандите

Грчката полиција започна истрага за дејствувањето на криминална група на Халкидики што се занимавала со производство и продажба на крофни на плажите. Истрагата откри детали за 12 лица, соучесници и членови на групата, меѓу кои бил и 39-годишен маж, кој, наводно, бил водач на групата. Нему веќе му е одредена мерка притвор.
Како што соопшти грчката полиција, криминалната група сосила принудувала лица со албанско државјанство илегално да продаваат крофни на 19 плажи на Халкидики, истовремено ширејќи терор врз сопствениците на продавници на овие простори со слични активности, затоа што, според обвиненијата, се заканувале, изнудувале и физички ги напаѓале, вршејќи насилство врз нив.
Нивната криминална активност била утврдена уште минатата година во јули, за време на истрага на обидот за убиство на 44-годишен продавач на крофни, на подрачјето на Никити, во кој тогаш било пукано.
Како што соопштија од полицијата, обвинети се 12 лица. Освен 39-годишниот лидер на групата, четири лица се обвинети како членови на групата, а седуммина се водат како соучесници. Со одлука на судот, на водачот му е утврдена мерка притвор, додека другите се пуштени под рестриктивни услови. Освен гаранција со пари, тие добиле забрана за напуштање на земјата и обврска да се пријавуваат во полициска станица по потреба.

Сведочењето на еден продавач на крофни

Минатата година во август, грчките медиуми пренесоа исповед на 44-годишен маж од Грузија, кој претрпел ќотек и заканување со огнено оружје.
– Слушнав пукање и некој од зад мене ми рече да ги кренам рацете. За среќа, луѓето сето тоа го слушнаа и излегоа на терасите, по што бев спасен – раскажа човекот од Грузија.
Според сведочењето на Грузиецот, кој, 25 години живее во Грција, таа ноќ, нападот врз него го извршиле Албанци што го пресретнале додека се наоѓал во своето возило во Никити. Како што истакна, покрај него се паркирало возило „туарег“ од кое излегле четворица мажи. Дека биле тимски распоредени, говори и фактот што табличките на возилото биле прекриени со темна ткаенина за никој да не може да го запамети бројот.
Штом излегле од автомобилот, почнале да го тепаат несреќниот човек, го удирале и со камења. Во еден момент, еден од присутните извадил и пиштол од кој пукал во правец на преплашениот и претепан продавач на крофни. По пукањето, тој слушнал еден од напаѓачите како му кажува на другиот да ги собере чаурите од местото.
Пукотниците ги алармирале и луѓето што живееле во близината, па почнале да излегуваат на терасите и дворовите за да видат што се случува, што го забрзало и заминувањето на напаѓачите. Како што истакнала жртвата, напаѓачите заминале во правец на плажата.
– Сите излегоа и застанаа пред моето возило. Се обидоа да ја отворат вратата, но на почетокот не успеаја. Потоа другиот почна да ме мава со голем камен, другиот ме удираше по лицето, додека едниот од нив ја стави ногата внатре и ме удираше со неа во ребрата. Ја покрив главата со рацете затоа што многу силно ме удираа. Одеднаш слушнав пукање и луѓето што ме тепаа некому му рекоа да ги собере чаурите. За среќа, многу луѓе излегоа на терасите и напаѓачите влегоа во возилото и заминаа на плажата Никити. Сигурен сум дека мнозинството луѓе што ме тепаа беа со албанско потекло и дека се поврзани со криминалот со продажбата на крофни на плажи на Халкидики – истакна тој.

Зошто крофните вредат злато

Токму на тој дел од грчкото крајбрежје се води вистинска војна помеѓу „клановите“ продавачи на крофни. Војната главно се води помеѓу бугарски и албански државјани, кои сакаат да остварат примат во продажбата на крофни на плажите на Халкидики.
Тие ги купуваат крофните од производителите за 0,50 центи, додека крофните на слободниот пазар, „дилерите“ ги продаваат за две евра. Според едно истражување, тие дневно продаваат околу 500-600 крофни, што на неделно ниво изнесува осум илјади евра. Од секоја крофна, еден дел од процентот оди директно кај мафијата.
Сепак, овие информации не се сто проценти точни, бидејќи не се сите плажи со иста големина, што го намалува или го зголемува бројот на туристите што се потенцијални купувачи.
Иако сумата можеби изгледа мала во однос на она колкав приход остварува мафијата низ светот, поради големиот број туристи, „крофна-бандите“ со години водат битка за профит и територија.

[email protected]