Фото: Пиксабеј

Скопје е град што има зеленила, тревни површини, но изобилува и со излетнички места и локации за рекреација на граѓаните. Но, внимавајте! Сезоната на крлежите веќе е започната. Потребна е претпазливост при посетата на овие места. Градскиот парк, Марков манастир, Пеленица, Скопска Црна Гора, Водно, Кучково, кејот покрај реката Вардар, но и многубројните новоизградени парковски површини се најчесто посетувани места за рекреација од страна на жителите на Скопје, особено во деновите кога временските услови се идеални за таков вид рекреација, а токму тогаш може да излезат непредвидливи ситуации што можат да го искомплицираат квалитетното време поминато во рекреација во природа

ПОЧНА СЕЗОНАТА НА АТАК ОД МАЛИТЕ, НО ОПАСНИ И ОЗЛОГЛАСЕНИ КРВОПИЈНИ ИНСЕКТИ

Oна што е карактеристично за оваа пролет е зголеменото количество врнежи, кои, пак, се поволни за згуснување на вегетацијата. Тоа, пак, е главен предуслов за појавата на крлежи, кои во овој период од годината ги има во најголем број.
Иако официјални бројки нема, граѓаните, оние љубителите на природа, сопствениците на домашни миленици, но и оние што чуваат стока, веќе наголемо пријавуваат и алармираат дека крлежите ги има во сѐ поголем број, па токму затоа и овој период се обидуваат да ги избегнуваат парковите, бидејќи токму таму букнуваат размножувањето, растот и развојот на овие мали крвопијци.

НЕМА ЛЕК ЗА КРЛЕЖИТЕ?!

Факт е дека надлежните не можат да преземат ништо против појавата на крлежи, па токму затоа најдобрата мерка за заштита е зголемување на претпазливоста и избегнување високи тревни површини каде што, всушност, и може да се добие убод од крлеж.
Скопје е град што изобилува со излетнички места и локации за рекреација на граѓаните и сите тие се богати со зелени тревни површини, а токму бидејќи сезоната на крлежите веќе наголемо е започната, потребна е голема претпазливост при посетата на овие места. Градскиот парк, Марков манастир, Пеленица, Скопска Црна Гора, Водно, Кучково, кејот покрај реката Вардар, но и многубројните новоизградени парковски површини се најчесто посетените места за рекреација од страна на жителите на Скопје, особено во деновите кога временските услови се идеални за таков вид рекреација.
Токму на таквите локации домашните миленици, децата, па и сите други добиваат убоди од крлежи. За оние што се добро упатени, крлежите не се никаков новитет, само што сега се крева голема врева поради тоа што има социјални мрежи, па тука и сите споделуваат секакви искуства, од кои некои се предимензионирани, некои се реални, но сепак, најдобро е кога се прават консултации со експерти и за превентива, но и за лекување, кои реално ги советуваат граѓаните.
Изминатиот период се појавија (а беа пријавени) голем број лица што добиле убоди крлеж, а во април на Клиниката за инфективни болести беше примен 57-годишен маж од село во близината на Крива Паланка, кој беше заболен од конго-кримска хеморагична треска. Тој работел со добиток и сите крлежи ги вадел сам.
И малите деца се на удар бидејќи тие ги обожаваат ливадите, а сакаат и да лежат и да играат во тревите, каде што многу лесно можат да добијат крлеж. Од она што нашата екипа го дозна на терен, е случајот на едно мало девојче што добило убод од крлеж во главата, при што имало исклучително големи отоци и компликации по телото. Случајот беше регистриран во едно струшко село. Токму поради тоа е важна деталната проверка на телото по престој на ливади, паркови и големи тревни површини. Што всушност може да се случи по убодот од крлеж?

ШТО Е ЛАЈМСКА БОЛЕСТ?

Месецот за издигање на свеста за лајмската болест предизвикана од крлежи е токму мај, па од тие причини „Нова Македонија“ направи сеопфатна анализа за крлежите, заразите што тие ги шират и како да се заштитиме.
Лајмската борелиоза за првпат била препознаена во 1975 година по истражувањето направено од причина што на невообичаено голем број деца им бил дијагностициран јувенилен ревматоиден артритис во Лајм, Конектикат (САД) и во два соседни града. Истражувачите откриле дека повеќето од заразените деца живееле во близината на шумски области населени со крлежи. Тие, исто така, откриле дека првите симптоми кај децата обично се појавуваат во летните месеци, што се совпаѓа со сезоната на крлежи. Неколку испитани пациенти опишале дека имале осип непосредно пред развојот на артритисот и многумина се сеќавале и на каснување од крлеж на местото на осипот. Понатамошните истражувања откриле дека малите крлежи биле заразени со спирална бактерија или спирохета (подоцна наречена Borrelia burgdoferi) и биле одговорни за појава на артритис.
Лајмската болест развива различни симптоми на кожата, зглобовите, но дава и невролошки симптоми, како и срцеви проблеми.
Па така, на кожата се појавува еритема мигранс (ЕМ), црвенило на кожата на местото на каснувањето од крлеж, кое бавно се шири и достигнува дијаметар обично над пет сантиметри и е присутно долго време (и по неколку недели). Црвенилото во средината постепено исчезнува, најчесто создавајќи карактеристична форма на ЕМ. ЕМ не е алергиска реакција на кожата по каснување од крлеж. ЕМ може да биде придружена со т.н „мали симптоми“ како што се главоболка, вкочанетост, вртоглавица, болки во зглобовите и мускулите, тешкотии со концентрацијата. На зглобовите по неколку месеци предизвикува воспаление и артритис, а од невролошките симптоми предизвикува вкочанет врат и силна главоболка (поради менингитис), привремена парализа на мускулите на лицето (Белова парализа), нечувствителност на дразби, болка или слабост во екстремитетите или слаба координација на мускулите.
Најчесто оние што се заразени добиваат и проблеми со срцето. Најчесто тоа се неправилни отчукувања, и тоа по само неколку недели од инфекцијата.
Не сите крлежи се заразени со бактерии што предизвикуваат болести – според процените на американските експерти, околу 20-30 отсто од нимфите со црноноги крлежи што се појавуваат на североисток и на средниот запад во САД, оваа пролет и лето ќе бидат носители на бактериите што предизвикуваат лајмска болест.
Симптомите на лајмската болест имаат тенденција да започнат помеѓу три и 30 дена по појавата на каснувањето и може да вклучуваат треска, главоболка, замор и осип налик на пликови. Ако ве каснат и развиете симптоми, посетете лекар за да бидете лекувани со одредени лекови, претежно антибиотици.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ ОД КРЛЕЖИ

Експертите велат дека најдоброто нешто што треба да го направите е да преземете чекори за да избегнете каснување од крлеж на прво место.
Ако одите на отворено, забележете ги деловите на повисоките треви, бидејќи крлежите имаат тенденција да се качат на вегетација што е висока на ниво на глужд со испружени горни нозе, чекајќи да се закачат за куче или човек.
Обидете се да одите по средината на патеките, да носите облека со светла боја и обработена со перметрин и да користите репеленти за инсекти, кои дејствуваат одбивно на инсекти, но и на крлежи.
Кога ќе се вратите дома, проверете дали имате крлежи. Тие можат да се најдат насекаде на човечкото тело, но вообичаените точки се околу половината, зад колената, меѓу прстите на рацете и нозете, на пазувите, во папокот и околу вратот или косата.
Потешко се гледаат кога се млади, затоа погледнете внимателно и доколку забележите дека имате крлеж, веднаш побарајте лекарска помош.


Експертско мислење за превенцијата, а и за третманот по настанатиот убод од крлеж

Според Николина Соколовска, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје, крлежите се паразити на луѓето и животните, кои можат да пренесат патогени што причинуваат различни заболувања.
– Она што како превентива треба да го направат граѓаните е кога одат во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи да носат облека со светла боја што го покрива телото, со долги ракави и ногавици, капа на главата и, секако, да употребуваат средства против инсекти (репеленти) по телото и облеката. При враќање од прошетка, добро да се протресе облеката, да се испере и да се направи детален преглед на телото, особено да се обрне внимание на косматиот дел од главата, зад ушите, под пазувите, препоните, папокот, зад колената – ни изјави во една пригода таа.
Она што граѓаните како мерка треба да го преземат доколку се закачил крлеж е негово итно отстранување. Соколовска вели дека вадењето треба да биде со дезинфицирана пинцета или конец поставен најдолу до усниот апарат, а не со масло, ацетон, крем, солен раствор.
– Местото на убодот да се дезинфицира. Треба да се внимава да не остане дел од усниот апарат во телото, во тој случај мора да се посети лекар, хируршки да се отстрани. Се препорачува извадениот крлеж да се однесе на анализа (дали е заразен или не и за кој вид се работи), бидејќи не е секој крлеж инфициран, но исто така и инфициран крлеж автоматски не му пренесува инфекција на човекот – потенцира таа.
Соколовска нагласува дека луѓето што чуваат миленичиња мора и нив редовно да ги контролираат и заштитуваат со соодветни препарати за дезинсекција по препорака од доктор по ветеринарна медицина.
– Крлежите интензивно се појавуваат по дожд и на места каде што има висока и неодржувана трева. Затоа како превентивна мерка е потребно редовно косење на тревата во приватните и јавните паркови. Сега е период кога интензивно се појавуваат низ парковите и затоа е потребно да се изврши дезинсекција. Тоа е надлежност на единиците на локална самоуправа – нагласува Соколовска.
Крлежите пренесуваат разни болести, па затоа, доколку граѓаните забележат црвенило, осип и температура веднаш треба да посетат лекар.
– Крлежите се преносители на патогени што предизвикуваат енцефалитис, лајмска болест, рикециоза, бабезиоза, ерлихиоза, хумана гранулоцитна анаплазмоза и други – заклучува таа.


Факти за крлежите

Крлежите се мали, осумножни паразити што цицаат крв – пајаковидни, а не инсекти – кои се хранат со животинска, а понекогаш и човечка крв. Некои крлежи се заразени со бактерии што можат да предизвикаат болест, а тие микроби ги шират кога ќе каснат некого.
Не постои општо прифатена процена за тоа колку крлежи има од една година до друга, но постои научен консензус дека тие се сè почеста опасност по здравјето.
Популацијата на крлежи кружи низ целата година и нивниот број зависи од неколку фактори. Сакаат топло, влажно време, а се очекува зголемување на нивниот број по благите зими.
Но крлежот на кој најмногу предупредуваат експертите е вообичаениот црноножен крлеж, кој главно се наоѓа во шумите и ја шири лајмската болест. Стапките на зарази почнуваат да достигнуваат врв во мај во Соединетите Американски Држави, а американските здравствени власти проценуваат дека речиси половина милион инфекции на лајмската болест се случуваат годишно.


Митови и вистини за крлежите

Мит – крлежите може да ве нападнат вас и вашето милениче скокајќи или паѓајќи од дрво.
Вистина – за разлика од болвите, крлежите не можат да скокаат. Тие ги наоѓаат своите домаќини со ползење, често се качуваат на трева од каде што можат да го дофатат домаќинот. Качувањето на дрвјата, всушност, ќе ги одведе подалеку од луѓето, токму затоа крлежите најчесто можат да се најдат во лисјата и тревата.

Мит – секогаш се чувствува кога ќе добиете убод од крлеж.
Вистина – за жал, нема да почувствувате кога ќе ве убоде крлеж, бидејќи крлежите се адаптирани да останат прикачени на своите домаќини одредено време, за разлика од коњските муви, чиј убод е болен или, пак, на комарците, чиј убод веднаш почнува да ве чеша. Затоа стриктно се препорачува да се проверите себеси, вашето семејство и миленичето, откако ќе посетите предели каде што најчесто има крлежи.

Мит – домашните лекови се речиси исто ефективни дури и подобри при отстранување на крлежите.
Вистина – многупати домашните лекови се покажале како опасни. Употребата на кибрит за да се отстрани крлежот може да предизвика изгореници. Исто така, доколку го прекриете местото со лак за нокти нема да има ефект. Во двата случаја, со намера да го извадите крлежот, вие само го плашите, а притоа крлежот ќе поврати, а тоа само ќе ја зголеми можноста за инфекција.

Мит – опасно е доколку главата на крлежот остане прикачена поткожно.
Вистина – секогаш е најдобро крлежот да се отстрани целосно. Сепак, крлежите се мошне ситни и е потешко да се справите со нив, па затоа многу лесно може главата од крлежот да остане внатре во кожата. За среќа, бактеријата што предизвикува инфекции живее во цревата на крлежот и се потребни 24 часа за да се пренесе болеста. Доколку не го извадите целосно крлежот од кожата не треба да бидете премногу загрижени бидејќи вашето тело на природен начин ќе се ослободи од него.

Мит – крлежите претставуваат опасност само во лето.
Вистина – иако вие и вашето милениче полесно може да ги добиете крлежите за време на летото, климатските промени и пеколните жештини придонесуваат тоа да може да се случи и многу порано. Некои крлежи ја преживуваат зимата и активно растат додека се во зимски сон, што може да предизвика ризик во вашиот топол дом. На пример, крлежите ги има во домот на дрвата наменети за горење во грејната сезона. Некои зрели (возрасни) крлежи, кои пренесуваат лајмска болест, можат да преживеат во текот на целата година.