Краток спој на електрична инсталација е причина за ланскиот пожар во кумановскиот Суд, соопштија денеска за МИА од Јавното обвинителство на Македонија. ЈОРСМ нема основа за постапување, бидејќи е утврдено дека пожарот не е резултат на човечки фактор и не е намерно подметнат.
– Врз основа на целокупниот прибран доказен материјал, видеоснимки и извршени вештачења кои укажуваат дека причина за пожарот во Основниот суд во Куманово е краток спој на електрична инсталација, јавниот обвинител донесе резолуција дека нема основ за јавнообвинителско постапување, бидејќи е утврдено дека пожарот не е резултат на човечки фактор и не е намерно подметнат – информираа од обвинителството.
Пожарот во кумановскиот суд избувна на 11 јули лани во 01.35 часот, беше зафатена просторија со архива. Пожарникарите го гасеа чадот три дена, поради напластената архива и документи од каде постојано чадеше. Во просторијата каде избувна пожарот имаше архива и документи, предмети од 1952 година од 70-тите и 80-тите години од минатиот век. Увидот го спроведуваше Вишото обвинителство од Скопје, за да се одбегне судир на интереси бидејќи кумановското Обвинителство е сместено во иста зграда, ист објект со Основниот суд. Во увидот учествуваа и екипи на од СВР Куманово, кримтехника, инспектор за пожари и вешто лице електроинженер.