Велешанецот Боре Видевски, кој е еден од обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски е префрлен на државната клиника.
Бранителот на Видевски, адвокатот Бојан Манев за МИА вели дека Видевски се наоѓа во тешка здравствена состојба и вчера бил пренесен на Клиника за нефрологија.
– Пратено барање и жалба на притвор. Барам цело време да се издржува во болнички услови, бидејќи реално не е за издржување затворски притвор. Последна жалба е на 5 септември и немаме никаков одговор – изјави Манев за МИА.
Судењето за убиството на Панче и Вања почна на 20 септември, кога на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје седнаа, првообвинетиот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.