Три женски лица на возраст од 15, 37 и 62 години загинаа во тешката сообраќајната несреќа на автопатот Штип-Миладиновци на околу половина километар од патарината кај Кадрифаково. Според првични информации жртвите се во роднинска врска и се превезувале во возило шевролет „калос“ со скопски регистерски таблички, во кое имало уште две лица.
Според СВР-Штип, во несреќата повредени се четири лица. Како дошло до судир меѓу возилата тојата „ланд крузер“ со кочански регистерски таблички и шеворлет „калос“ со скопски регистерски таблички се уште се утврдува од страна на полицијата и јавен обвинител.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека учесници во несреќата се возилата тојата „ланд крузер“ со кочански регистерски таблички управувано од возач на 29-годишна возраст, во кое имало и сопатник на возраст од 34 години, при што и двајцата се повредени.
Возилото шеворлет „калос“ со скопски регистерски таблички е управувно од возач на возраст од 45 години, во кое се превезувало 12-годишно момче, кои се повредени, а во ова возило биле и трите жртви на возраст од 15, 37 и 62 години.
Петнаесет-годишното девојче и 62-годишната жена починале на самото место, а 37-годишната жена на пат кон штипската Клиничка болница. Лекарите се обидувале да ја реанимираат, но безуспешно, пред вратата на болницата им подлегнала на повредите.
Во штипската Клиничка болница во моментов се двајца пациенти на кои им се прават лекарски прегледи, а третото лице кое е пренесено во болницата и е со тешки телесни повреди, по направените компјутерски снимања е транспортирано во Клиничкиот центар во Скопје.
„Денеска (02.06.2023) околу 12.30 часот на автопатот Штип-Миладиновци, недалеку од место викано „Криви Дол“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „тојота лендкрузер“ со кочански регистарски ознаки, управувано од Д.С.(29) од Кочани и „шевролет калос“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.М.(44) од Скопје. На местото на несреќата починалe В.З.(62) од Кочани и малолетна сопатничка од возилото „шевролет“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Двајцата возачи, Д.Х.(34), сопатник во возилото „тојота“, С.М.(37) и уште еден малолетен сопатник од возилото „шевролет“ биле пренесени за укажување на лекарска помош во Клиничка болница Штип, каде што и С.М. им подлегнала на повредите“, обајви МВР.