Го молам судот за милост и човечност за овие луѓе, затоа што како што замолував на 27 април да не се тепаат луѓе, молам и замолувам да не се отиде предалеку со овие луѓе. Овие луѓе исто како и тие што беа тепани во Собранието имаат семејства и затоа што кога се ова ќе заврши ќе треба на улица да си кажеме добар ден. Молам да нема повеќе жртви за 27 април, истакна пратеникот Влатко Ѓорчев во Кривичниот суд во Скопје во кој сведочеше за настаните од 27 април.

Ѓорчев е сведок предложен од одбраната на обвинетиот Мунир Пепиќ. Неговиот адвокат на почетокот поочи дека од листата на предложени сведоци го повлекува предлогот да биде сослушана Рaдмила Шекеринска-Јанкоска за која, како што посочи, по увидот во нејзината изјава во обвинителството немало ништо што би било од интерес на одбраната.

Одговарајќи на прашање, Ѓорчев рече дека не го познава обвинетиот Мунир Пепиќ, но дека знае дека на 27 април помогнал во евакуација на повредените и во смирување на ситуацијата, која според него, била многу хаотична. Според пратеникот Ѓорчев, Пепиќ му се претставил дека е службено лице и прашал што може да помогне и му посочил заедно да префрлат повеќе луѓе во бифето и во неговата канцеларија.

Посочи дека и други луѓе во судницата помагале.

– На третиот кат во канцеларија со изгаснати светла беше Зијадин Села и таму беше господинот од собраниското обезбедување Абдулфета Аљими, кој му имаше дадено прва помош и ни помогна заедно со болничките лица да го однесеме во гаражите, рече Ѓорчев.

Тој се присети дека ги видел како Борис Дамовски и актерот Владо Јовановски ги смируваат луѓето и ситуацијата пред кабинетот на Вељановски.

– Знам дека напори за смирување на ситуацијата вложи и собраниското обезбедување. При крајот на вечерта Горан Ѓошевски го чув како вели на луѓе обезбедете ја зградата. Тоа беше при крај на вечерта, кога се уште имаше луѓе по ходници, рече Ѓорчев.

Кажа дека во следните денови имал можност да разговара со Богдан Илиевски и Митко Чавков, кои биле со жалење и неверување за тоа што се случило.