Фото: Дарко Андоновски

Тензично помина денешното рочиште за несреќата кај Ласкарци, каде што адвокатите преку вкрстено испрашување бараа одговори од вештакот за да се утврди вина кај обвинетите, односно како се случи несреќата во февруари годинава. Роднините на загинатите, кои го следеа судењето, упатија низа клетви кон обвинетите и нивните блиски кои ја следеа расправата. Тие се гневни и бараат правда за своите блиски кои загинаа или се повредени во автобуската несреќа.

„Никој жив да немаш во Гостивар“, „Да умреш каде што седиш“ „И вашите деца ќе ги снајде истото, нема живи да останат“, се слушаше од последните клупи во судницата.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска неколкупати во текот на судењето ги опоменуваше присутните за нивното однесување во судницата. Таа ги повика да не го нарушуваат мирот во судницата.

-Не сте само вие во судницата. Има и други како вас, но само вие го нарушувате мирот – рече судијката Груевска-Илиевска предупредувајќи еден од присутните роднини на загинатите.

Професорот Милан Ќосевски во својство на вешто лице одговараше на прашањата од адвокатите на обвинетите и оштетените. Тој објаснуваше за условите при кои настанала несреќата. Тој рече дека нема едноставен одговор за тоа дали имало траги на кочење на местото на несреќата.

-Трага од кочење при вакви услови нема да се појави – рече вештакот Ќосевски објаснувајќи ја површината на патот.

Вештакот објасни дека оградата во која удрил автобусот од страната кон Скопје имала поголема должина, но од страната кон Тетово била пократка и затоа не можела добро да го одбие ударот на автобусот.

Рочиштето за несреќата кај Ласкарци ќе продолжи в година, односно на почетокот на јануари.

За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноел Трифуновски, се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, за соучество во истото дело.