Фото: Игор Бансколиев

Најголем дел граѓани се одговорни и совесни учесници во сообраќајот, но, за жал, сѐ уште имаме учесници во сообраќајот што возат под дејство на алкохол, управуваат моторно возило без возачка дозвола или ги прекршуваат правилата за ограничување на брзината. За таквите возачи нема место во сообраќајот и ќе бидат санкционирани и отстранети од сообраќајот, истакна портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски

ЗОШТО МНОГУ ПОВЕЌЕ И МНОГУ ПОКВАЛИТЕТНИ КАМПАЊИ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ

Свесни сме дека во државава имаме доста небезбеден сообраќај. Статистиката е немилосрдна со своите факти. Компаративните студии за тој проблем се со показатели дека на тоа прашање мора уште многу да се работи, особено на свеста и навиките на сите граѓани, како и на учесниците во сообраќајот. Засега, резултатите и заклучоците се дека „како учесник во сообраќајот никој не е безбеден“, ниту пешаците, ниту велосипедистите, а најмалку оние што се зад воланот и нивните сопатници. Изминатиот период се реализирани голем број кампањи од страна на надлежните, чија цел е да влијаат на сообраќајната култура кај граѓаните и да ги намалат бројките на несреќи што речиси секојдневно се случуваат низ земјата.

Неопходно е да се интензивира работата за будење на свеста кај
граѓаните

Министерството за внатрешни работи, заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, почна со реализација на уште многу кампањи за зголемување на сообраќајната безбедност во земјата.
Изминатиот викенд, превенција за безбедно возење беше реализирана во Битола, под мотото „Безбедноста во сообраќајот на прво место“. Пораките „Не потценувај го заморот. Вози одморен!“, „Не вози под дејство на алкохол“, „Намали ја брзината, затоа што брзото возење изнудува грешки што завршуваат фатално!“ се дел од оние што МВР и РСБСП ги упатуваа до учесниците во сообраќајот во Битола за издигање на свеста за важноста и за потребата од одговорно и безбедно учество во сообраќајот.
– МВР и РСБСП апелираат до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорни и да разберат колку е важно да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, затоа што само на тој начин, преку јакнење на колективната свест и колективното разбирање може да го направиме сообраќајот побезбеден за сите. РСБСП и МВР продолжуваат со активностите во рамките на летната кампања. Сообраќајните превентивни активности се наменети за сите учесници во сообраќајот. Укажуваме на влијанието на заморот на безбедноста во сообраќајот. Со помош на таканаречените „Пијани очила“, кои симулираат перцепција на лице под дејство на алкохол, укажуваме на ризикот, опасноста и последиците од возењето под дејство на алкохол, укажуваме и на последиците од брзото и агресивно однесување во сообраќајот. Учесниците во сообраќајот даваат поддршка за кампањата и веруваме дека сите вложени напори од РСБСП и МВР на крајот ќе резултираат со намалување на бројот на сообраќајни незгоди – изјави Гордана Кожуваровска, претседателка на РСБСП на настанот во Битола.
Од МВР најавуваат дека продолжуваат превентивните и репресивните активности.
– Наша цел е да допреме до сите граѓани. Во активностите што ги реализираме со РСБСП ги потсетуваме граѓаните дека безбедноста во сообраќајот, покрај другото, е лична обврска и лично право на секој учесник во сообраќајот, и секој што учествува во сообраќајот е должен да ги почитува сообраќајните правила и прописи. Најголем дел граѓани се одговорни и совесни учесници во сообраќајот, но, за жал, сѐ уште имаме учесници во сообраќајот што возат под дејство на алкохол, управуваат моторно возило без возачка дозвола или ги прекршуваат правилата за ограничување на брзината. За ваквите возачи нема место во сообраќајот и ќе бидат санкционирани и отстранети од сообраќајот. Во текот на саботата, во периодот од седум до 12 часот, на територијата на целата држава имавме 434 санкции за возење со поголема брзина од дозволената. Вечерта, пак, во периодот од 23 до пет часот, санкционирани се 231 возач што управувале возило под дејство на алкохол, а од нив, 35 на територија на СВР-Битола. Сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период, сѐ со цел заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот – изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Впечатливо име на летната кампања

„Во лето најмногу се гине“ е уште една кампања што пред една недела ја почнаа МВР и РСБСП во земјава.
Токму како последица на непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот, според статистиките на МВР, само минатата година во земјава во сообраќајни несреќи животот го загубиле 125 лица, а близу шест илјади биле повредени.
Она што е неоспорлив податок е фактот што најголемиот дел несреќи се случиле токму за време на летниот период.
Само во јули минатата година 17 лица го загубиле животот, а во август уште 19 лица.
Иако, како резултат на зголеменото присуство на полицијата, минатата година е една од годините кога бројот на жртви во сообраќајот е најмал, сепак, според МВР, бројката е висока и мора да се намали со заеднички напори на институциите и граѓаните.
Токму поради тие причини, пред една недела МВР и РСБСП почнаа уште една кампања за заштита на учесниците во сообраќајот.
Оваа летна кампања „Вози одморен“ почна да се реализира од едно од најатрактивните туристички места во земјава, Охрид. Оттука почна да се реализира кампањата за издигање на свеста кај возачите за безбедно возење.
– Апелирам до возачите да бидат внимателни и концентрирани кога учествуваат во сообраќајот, да не го потценуваат заморот, да патуваат одморени и наспани и да прават минимум 15 минути пауза на секои два часа возење. Сообраќајните незгоди што се последица на замор најчесто завршуваат фатално. Последиците од сообраќајните незгоди се премногу болни, тешки и ненадоместливи, во сообраќајот нема место за лица под дејство на алкохол, тоа е пораката што ја испраќаме денеска до сите учесници во сообраќајот – изјави Кожуваровска.
Од МВР уште тогаш најавија дека продолжуваат репресивните мерки.
– Се грижиме за безбедноста на граѓаните, за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. Наша цел е да воведеме повисоко ниво на одговорност и дисциплина во сообраќајот. Во наредниот период ќе бидат реализирани голем број едукативно-превентивни активности, но и сообраќајните контроли продолжуваат континуирано. Важно е граѓаните да знаат дека тука сме за нив, тука сме да ги заштитиме одговорните од неодговорните учесници во сообраќајот. Им благодарам на најголемиот број граѓани што со почитување на правилата и прописите даваат придонес во исполнување на заедничката цел, поголема безбедност на патиштата – нагласи Ангеловски.
Летната кампања ќе се реализира во наредните два месеца.


Кај скопјанец измерени 3,87 промили алкохол во крвта

Во петокот вечер, кај скопјанец полицијата измерила рекордни 3,87 промили алкохол во крвта. Сообраќајната полиција го запрела лицето на автопатот Велес – Скопје.
Ова е македонски рекорд во измерени промили на алкохол во крвта, бидејќи, како што информираа од МВР, според досегашните искуства и сознанија на сообраќајната полиција, најголемото количество алкохол во крвта кај учесник во сообраќајот измерено со „дрегер“ изнесувало 3,29 промили.
Не е дозволено повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта, бидејќи првите пречки при управување на возилото се јавуваат на 0,8 промили алкохол.
Според сите медицински факти, лицето што има 3,5 промили алкохол во крвта, најчесто паѓа во кома или во несвест. Ова количество алкохол по својата јачина е еднакво како и јачината на една анестезија при хируршка интервенција.
Четири и повеќе промили алкохол предизвикуваат состојба на кома, а многу веројатно и смрт, пред сѐ поради престанок на дишење, многу низок крвен притисок и задушување при повраќање.
Инаку, при сообраќај не е дозволено повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта, бидејќи првите пречки при управување на возилото се јавуваат на 0,8 промили алкохол.

[email protected]