За случајот „Плацoви на Водно“

Од никого не сум побарал да купува било што за мене, или да побара од друг да го прави тоа, ниту сум давал парични средства за такви цели било кому.

Вака поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски реагира на денешното сведочење на Александар Ивановски-Алек Теранова во случајот „Плацoви на Водно“.
– Во врска со земјиштето на Водно за кое незаконски сум обвинет и без елементарен доказ, Александар Ивановски потврдил дека со мене немал никаков контакт, но дека во некоја подоцнежна фаза претпоставувал дека станува збор за мое земјиште, па дури и дека лицето кое побарало да посредува со продавачите наводно тоа му го признало во еден момент, но дознав и тоа дека тоа посочено лице од Александар Ивановски подоцна во текот на рочиштето го негирало тоа – напиша Груевски на Фејсбук.

Тој воедно додава дека имало многу контрадикторни сведочења на Ивановски за ситуации каде, посочува Груевски, воопшто не учествувал.

Алек Теранова денеска во судница истакна дека Сашо Мијалков го замолил да му помогне да купи плацови на Водно, а воедно говореше и за комуникацијата со Груевски поврзана со купување станови.