Македонија живее време на политички мотивирани судења против политички неистомисленици на власта, полошо од периодот на 1949 година, напиша во објава на социјалните мрежи поранешниот премиер со азил во Унгарија, Никола Груевски.

Објавата следува по денешната пресуда за предметот „Плацoви на Водно“ за која доби затоврска казна од 7 години, а судот ги конфискува плацевите на место Шербетница на Водно, како и сите станови, освен тие на име на неговата мајка.

Груевски во објавата нагласува дека станува збор за модерна инквизиција во која, како што посочува, жртвата пред судењето да почне е веќе осудена и неформално е договорена и висината на казната помеѓу спрегата власт-обвинителство-судство.

-Се другото е „театар“ за јавност, односно време на пропаганда кога и јавноста треба да се убеди, што завршува со долг политички говор и некаква психолошка анализа на судијата, бидејќи за правна нема реални аргументи. Обвинителството и судот можно е да те прогласат дека си земал голема количина пари од некаде, без било каков доказ, матерјален доказ или изјава на сведок, односно без апсолутно ништо што наведува или уште помалку го докажува тоа и без никаков срам да ја почнат реченицата со зборовите односно фразата: „се докажа дека…“-пишува Груевски во објавата.

Според него, во Македонија во ова време не суди судот, туку политиката.

-Власта преку правосудниот систем прави што сака, кому сака нешто запленува и во колкава сака вредност независно од сè, кому сака не запленува, зависно од близината со неа. Нема критична маса меѓу стручната елита која е спремна да постави логични прашања колку и да гледа беззаконие и апсурдни процеси. Но, ништо не е вечно… “IL BUON TEMPO VERRA” (Ќе дојде добро време)“-порачува Груевски.