Во познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир и во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар достојно беше одбележан празникот Голема Богородица.
Во Бигорски манастир се отслужи сеноќно бдение, со света архијерејска литургија, а во текот на богослужението, пред Богородичната плаштаница во цветниот епитаф, беа испеани Богородичните статии.
Бдението заврши со божествена архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше игуменот на Обителта, неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.
-Пресвета Богородица да нè чува и благослови сите и да нè удостои на оваа боженствена литургија неосудено да се причестиме со светите, животворни дарови на нејзиниот син и Бог наш Исус Христос, кому му прилега секоја слава, чест и поклонение, заедно со беспочетниот Отец и пресветиот и животорен Дух. Амин – порача меѓу другото владиката Партениј.
Како и за сите други празници масовно прсуствуваа врници од сите делови на нашата земја.
Православните дебрани, иако малку по број, традиционално го одбележаа патронот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар, која се смета за заштитничка на градот.
Намесникот на дебарската парохија Миле Ангеловски, одржа света Златоустова литургија, и посака Мајката божја да не чува сите од секакво зло.
– Ги сочувала девството и чистотата заради Бога и од него добила неизмерна сила, па станала и била наречена мајка на целото човештво. Мајката божја да не чува сите од секакво зло – порача меѓу другото Ангеловски.
Овој божји храм се наоѓа во населбата Варош, во горниот дел на градот, изградена е во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во нашата држава.
Големиот празник, со масовно присуство и дебарските зурли и тапани, во пресрет на празникот и денеска беше одбележан и во селата Гари и Долно Мелничани, кога каде и да живеат Гарчани и Мелничанци, по потекло, се тука.