На локалитетот „Косто бачило“, во Националниот парк Галичица, на површина од околу 90 хектари се наоѓа репродуктивниот центар за европски елен. Во моментот таму живеат 100-тина единки, а дел од стадото деновиве ќе биде пуштено надвор од оградениот простор, сами да продолжат во природата.
Две и пол метарската жичена ограда ги штити од дивиот и за нив суров свет. Тоа го покажуваат и честите посети на волци околу оградата, а имало и случај кога мечка ја срушила заштитната ограда во обид да влезе во стадото.
Склад за храна, хранилки, голема локва, односно поилиште за вода се дел од сликата меѓу разиграното стадо. Поголемиот дел се подготвени сами да егзистираат во дивината, но во стадото има и мали, кои ќе продолжат да растат во хумани услови и човечка грижа.
– Во рамки на репродуктивниот центар изградена е потребната инфраструктура. Има објект за складирање на храна (зрнеста и кабаста) со која континуирано преку цела година вршиме прихрана на елените. Во објектот има и просторија за вработените, кои го опслужуваат репродуктивниот центар. Изградени се десетина хранилки, голема локва/поилиште за вода и шест двотонски цистерни за складирање на вода. Репродуктивниот центар има и мал внатрешно ограден простор кој е потребен за одвојување на единки кои од него ќе се пуштаат во дивина, како и целосна покриеност со видео надзор – вели раководителот на Одделението за заштита на природата од НП „Галичица“, Андон Бојаџи.
Иако во моментот живеат во природна средина, сепак вработени во јавната установа НП „Галичица“ се грижат за нив, за потребите од храна, вода, но и за нивното здравје. Токму поради тоа, како што информира Бојаџи за МИА, на два елени ќе им бидат поставени џи-пи-ес уреди со кои ќе бидат следени каде се движат и како се однесуваат во природната средина. Шест единки пак, ќе бидат подарени на заштитениот предел Осоговски Планини за подобрување на генетскиот фонд на популацијата на европски елен во осоговието.
Репродиуктивниот центар е изграден во 2018/2019 година со цел реинтродукција на европскиот елен и правилно управување со високопланинските пасишта во Националниот парк со помош на дива фауна.
Во 2019 година во центарот донесени се 30 единки, од кои 24 женки и шест мажјаци. Изминатите три години имало принова од елените и сега стадото во репродуктивниот центар брои околу 100 единки. Деновиве се очекува да бидат пуштени 60-тина, а другите ќе останат во центарот уште неколку години со континуирано ослободување од заградениот простор. Заштитничкиот простор од центарот ќе го напуштат соочувајќи се со предизвиците од дивината, пред се поради податокот за зголемувањето на бројот на волци на Галичица.
Елените не се пуштаат за ловни активности, туку само за управување со високопланинските пасишта, кои поради намален обем на сточарството во изминатите години се пораснати, а нивната биомаса е значително зголемена што претставува опасност од пожари на отворено.
Очекувањата се дека за десетина години, природната популација на европски елен во Националниот парк ќе стане самоодржлива и способна да обезбеди активно управување барем на дел од високопланинските пасишта и спречување на процесот на сукцесија.