Илустрација / Фото: МИА

Дојави за бомби утрово пристигнале на адресите на повеќе институции, трговски центри, спортски објекти, во Вила Водно кај претседателот на државата.

– Денеска (21.02.2023) е пријавено дека преку електронските адреси е упатена закана за поставена експлозивна направа до Музеј на град Скопје, Природонаучен музеј, Археолошки музеј, Музеј на ММБ Спомен куќа на Мајка Тереза, ГТЦ, Ист гејт мол, ТЦ Бисер, Флатајрон, Џевахир, Управен суд, Куќа на претседателот-Вила Водно, хотел „Мериот“, хотел „Александар Палас“, СЦ „Борис Трајковски“, Железничка станица – Скопје и ФФМ. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“ – се вели во соопштението од МВР.

Дојави за наводно поставени бомби има повторно и во училиштата во Скопје.Сите досегашни дојави за бомби беа лажни.

Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви прилики, велат од Кабинетот на шефот на државата во врска со денешната информација дека на електронските адреси на повеќе институции и објекти, меѓу кои и во вилата на претседателот изутринава се пристигнати закани за поставени експлозивни направи.

-Во врска со вашите прашања потврдуваме дека утрово, на 21 февруари 2023 година од страна на Министерството за внатрешни работи бевме информирани дека има дојава за поставена бомба во местото на домување на претседателот.  Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви прилики – велат од Кабинетот.
Нагласуваат дека претседателот Пендаровски денеска ќе ги извршува редовните работни обврски согласно планираната агенда на активности.