Цените на роамингот ќе паѓаат заедно со паѓањето на лисјата следната есен, но тоа е само почеток на процесот. Крајната цел е намалувањето на цените на роамингот помеѓу ЕУ и Регионот на приближно исто ниво со домашните цени, изјави Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Тирана, по потпишувањето на Декларацијата помеѓу телеком операторите од регионот и Унијата.
Според договорот, горната граница на малопродажната цена ќе биде договорена меѓу потписниците и ќе биде објавена најдоцна до 1 мај 2023 година. Првото значително намалување на цените на податоците во роаминг ќе стапи на сила на 1 октомври 2023 година, со почетна цена по гигабајт за купена количина во согласност со важечките прописи за конкуренција, се наведува во потпишаниот договор.
На денешниот Самит, Брегу ги повика и телеком операторите кои денеска не присуствувале, да се приклучат на процесот во секое време.
Како што соопшти РСС, важно е креаторите на политиките на Западен Балкан да ги забрзаат реформите на политиките за телеком секторите во согласност со заклучоците од Дигиталниот самит на Западен Балкан 2022 година за создавање Заеднички регионален пазар и поттикнување на деловното опкружување. Државите од Западен Балкан овие реформи треба да ги спроведат најдоцна до крајот на 2023 година.
Ползата, се вели во соопштението, од Декларацијата со која започна денешниот самит ЕУ – Западен Балкан во Тиран е многукратна, ќе дојде до заштеда на пари на граѓаните во целиот регион и во ЕУ додека патуваат низ Регионот или низ Унијата, а ќе се намалат и оперативните трошоци на стопанствениците и ќе се поттикне работењето надвор од матичните граници.
Укинувањето на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан што беше постигнато лани на 1-ви јули после двегодишните преговори со посредство на РСС, доведоа до зголемување на бројот на корисници на роаминг за 100 проценти. Во втората половина на 2021 година бројот на минути во појдовни повици бил зголемен за 237 проценти, во дојдовните повици за 173, а обемот на пренос на податоци бил зголемен за 459 проценти.