Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, во рубриката Датуми за паметење, секој месец издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати македонски дејци
1 октомври 1943 година – Околу 4.000 балисти, заедно со германски офицери и војници, на планината Буковиќ, Кичевско, извршија напад врз слободната територија на Западна Македонија.
3 октомври 1943 година – Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија упати Манифест до македонскиот народ, во кој се изнесени основните прашања во врска со ослободителната борба на македонскиот народ, карактеристиките на ослободителното движење, потребата за единство на македонскиот народ со сите националности во ослободителната борба.
4 октомври 1941 година – Во селото Чучер, Скопско, е формиран првиот Народноослободителен одбор во Македонија. За прв претседател беше избран Петар Крстев Урдаревски.
6 октомври 1943 година – Балистите запалија повеќе куќи во селото Кленоец и селото Попоец, Кичевско, а во наредните денови беа ограбени повеќе куќи и убиени луѓе во селата Душегубица, Иванчиште, Малкоец и други.
7 октомври 1943 година – Кај кумановското селото Драгоманце, кумановскиот партизански одред води битка против четниците. Загинале девет четници, а пет преминале во партизани.
8 октомври 1944 година – На Скопска Црна Гора, Шеснаесеттата македонска НО-бригада по тридневни борби ги одби нападите на балистичките сили од правецот на селото Орман – селото Бразда, кои се обидуваа да ја заземат комуникацијата Скопје – Качаник и да го овозможат сообраќајот на германските сили.
9 октомври 1967 година – Во Собранието на СР Македонија, под претседателство на д-р Милан Бартош, е одржана седница на Матичната комисија за формирање на Македонската академија на науките и уметностите, на која е извршено конституирање на МАНУ.
10 октомври 1944 година – Во селото Жегљане, Кумановско, е формирана Кумановската дивизија, во чиј состав влегоа Шеснаесеттата, Седумнаесеттата и Осумнаесеттата македонска НО-бригада. Имаше околу 5.500 борци.
10 октомври 1946 година – Во Скопје, во црквата „Свети Спас“, со сите државни почести и пред повеќе илјади граѓани од цела Македонија, беа положени моштите на истакнатиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев, кои два дена порано македонската делегација ги донесе од Софија.
10 октомври 1967 година – Во Скопје, на свечената седница на Собранието на СР Македонија, е извршено свечено отворање на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
11 октомври 1941 година – Во Прилеп, борците на Првиот прилепски партизански одред извршиле напад на бугарската полициска станица во градот, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа. Овој напад се смета за почеток на востанието на македонскиот народ против бугарскиот окупатор, а за конечно ослободување на земјата.
12 октомври 1941 година – Во Прилеп, бугарската полиција уапсила 900 граѓани како репресија поради нападот на Прилепскиот партизански одред на бугарската полициска станица, на затворот и на телеграфско-телефонската мрежа, претходниот ден. По малтретирањето биле издвоени членовите на КПЈ и на СКОЈ и префрлени во Битола, а потоа изведени пред суд.
13 октомври 1952 година – Во издание на Државното книгоиздателство излезе од печат „Граматика на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески.
14 октомври 1944 година – Германскиот окупатор изврши масовни убиства во девет села во Штипско и Кочанско. Најмногу настрадале штипските села Крупиште, каде што биле убиени 49 лица, и Горни Балван, со убиени 26 лица, како и кочанското село Уларци, со убиени 25 лица.
17 октомври 1878 година – Започнало Кресненското востание на македонскиот народ против османлиската власт, а за ослободување на Македонија и за создавање независна држава. Околу 400 востаници, предводени од Димитар Поп Георгиев-Беровски и војводата Стојан Карастоилов, го нападнале селото Кресна, каде што се наоѓала османлиска касарна. Притоа ја зазеле касарната и ослободиле неколку места каде што била создадена народна власт. Востанието било задушено дури во јуни идната година.
17 октомври 1912 година – Почнала Првата балканска војна. Војната завршила со примирје на 3 декември истата година. На конференцијата во Лондон, на 30 мај 1913 г., Турција морала да се откаже од териториите на европскиот континент, освен од Одрин, кое сојузниците не успеале да го заземат. Македонскиот народ активно учествувал во војната, очекувајќи дека ќе се избори за слобода и независност. Но, наместо тоа, сојузниците ја поделиле Македонија, што, пак, било причина за почетокот на Втората балканска војна.
23 октомври 1893 година – Во Солун е основана Македонска револуционерна организација (МРО) за ослободување на македонскиот народ од империјализмот и превласта на околните сили и остварување на неговите основни права на самостојност и идентитет.
25 октомври 1689 година – Австрискиот генерал Енеја Силвио Пиколомини (како дел од контраофанзивата против Отоманското Царство, по кампањата на Турците во 1683 година) го запалил Скопје. Во тој период градот бил зафатен со епидемија на колера. Пиколомини наредил градот да се запали за да се запре епидемијата. Градот горел два дена. До темел изгореле голем број куќи и дуќани, но епидемијата не запрела. Дури и самиот генерал Пиколомини се заразил од колера и набргу починал.