Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во продолжението на денешното рочиште во Основен кривичен суд Скопје за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочеа членови и симпатизери на политичката партија „Десна“.

Сведокот Христијан Плотников, член и основач на партијата „Десна“, изјави дека го познава Палевски од 2017 година и дека комуницирале речиси секојдневно. Тој додаде и дека се познавал и со другите обвинети.

Плотников зборуваше и за користењето на возилото, како и радиостаниците кои биле дел од опремата што ја имала партијата, а во просториите на штабот, како што дополни, немало пиштол, иако Палчо поседувал пиштол.

-Палчо со себе носеше пиштол чисто од своја безбедност од моментот кога беше нападнат пред својот дом. Мислам дека е Валтер марка. Палчо го носеше покрај него, во фиока, на биро, на масиче – рече тој.

Сведокот Кирил Тренчевски, симпатизер на политичката партија „Десна“, зборуваше за неговиот ангажман во партијата при што посочи дека при селењето во стариот штаб во Кисела Вода забележал две токи-воки станици.

Прашан дали знаел кој го возел возилото „рено кангу“, одговори негативно, а на вкрстени прашања од обвинетиот Палчо тој одговори дека при вршење на претресот полицајците не споменале што бараат и не го спомнале името на Палевски.

Претходно сведочеше и Ѓорѓи Џолев, претседател на Централниот комитет на политичката партија „Десна“, кој притоа спомна и дека видел пиштол во штабот, во собата во која спиел Палчо.

-Да, видов пиштол во штабот кај Шампионче. Стоеше на маса, кај што спиеше Палевски, видов пиштол во футрола. Не знам чиј беше, но претпоставувам дека беше на Палевски – рече сведокот.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.