Фото: З.А.

По повод празникот Источен петок (Балаклија), празник во чест на истоимениот извор на Богородица во Цариград, денес се одаде почит на црковните извори во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“.

Оддавањето почит започна претпладне со Света Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Епископот Антанијски Г-дин Партениј, по што следеше литија од манастирот до изворите во месноста Господинец, каде во 16 век се обезглавени тројца монаси од манастирот.

Фото: З.А.

-Празникот Источен петок (Балаклија) денес пред голем број верници свечено беше одбележан во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ со Света Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Епископот Антанијски Г-дин Партениј со повеќе црквено служители од кичевскиот храм, а на литургијата присуствуваа и претставници од монашкото братство од „Свети Јован Бигорски“ и монашките сестринства од манастирите „Пресвета Богородица Пречиста“, „Свети Ѓорѓија Победоносец“ и Рајчица Дебарско – истакна Бошко Сарафилоски, верник и црковен активист.

По завршувањето на Светата Архиерејска Литургија, беше организирана и литија која ја предводеше Епископот Антанијски г-дин Партениј.

Фото: З.А.

-Литијата беше организирана по повод празникот Источен петок (Балаклија), таа од манастирот се упати во месноста „Господинец“, каде што во 1558 година се обезглавени тројцата Пречистански преподобнимаченици, Светите Аверкиј, Евнувиј и Пајсиј. Потоа литијата преку манастирските ливади се врати во манастирската црква. За празникот беше создадена патека од цвеќиња од влезот во манастирот до манастирската црква – додаде Сарафилоски. З.А.