Деца облечени како омилените јунаци, принцези, животни, готвачи или лекарки, филмски ликови…, по повод денот на шегата, денеска прошетаа на плоштадот во Скопје и измамија насмевка кај случајните минувачи. Маскирани беа и родители, а и по некој дедо или баба.
Маскирани продефилираа и во градинка и на училиште.
Први Април не е национален празник, но насекаде се прославува и се одбележува присуството на весели шеги и трикови со пријателите, членовите на семејството, наставниците, соседите, колегите.
Nа скопскиот плоштад „Македонија“ денеска прошетаа дечиња со најразлични маски, најмногу можеа да се забележат маски од суперхероите Спајдермен и Бетмен, а повеќето девојчиња беа облечени како принцези.
На плоштадот недостасуваше и манифестацијата „Априлијада – Скопје се смее“ која беше прекината поради настаната ситуација со ковид-пандемијата.
Претходници на Денот на шегата се римскиот фестивал Хиларија, кој се одржувал на 25 март и средновековниот Фестивал на шегата, кој се одржувал на 28 декември. Обичајот да се прават добронамерни шеги на соседите е обичај прифатен низ целиот свет, и се проценува дека денот на шегата го прославуваат околу 1 милијарда луѓе низ светот.