Како да се популаризира и актуализира македонскиот стандарден јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството?
„Нова Македонија“ во повеќе написи ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…

ДА ГО НЕГУВАМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Јазикот е нашата татковина. Со оваа мисла, основоположникот и кодификатор на современиот македонски литературен јазик, големиот Блаже Конески, кажал сè.
Јазикот е многу повеќе од средство за комуникација. Јазикот е нашиот идентитет! Тоа е јазикот на кој ги изговараме првите зборови, јазикот преку кој го осознаваме светот и се спознаваме себеси. Негувајќи го македонскиот јазик, истовремено го негуваме и чуваме македонскиот идентитет!

Сакајќи да бидат во чекор со светот, за жал, младите сè повеќе користат зборови како: адни ме, ивент, атачирај, форвардирај итн.

Според мене, бројот на часови по македонски јазик во училиштата мора да биде поголем од бројот на часови по странски јазици. За жал, познавам деца што подобро зборуваат англиски отколку македонски (мајчин) јазик. На социјалните мрежи убаво е да пишуваме со кирилско писмо.

Во печатените медиуми задолжително да се вработи лектор, кој ќе ги коригира вестите што се објавуваат, а секој водител на телевизија би требало да помине задолжителна обука за правилно зборување. Сите грешки, лошо одбрани зборови и погрешни конструкции, потоа се пресликуваат во говорот на граѓаните. Дијалектите се богатство на македонскиот јазик и мора да ги негуваме, но при јавно говорење би требало да се користи македонскиот литературен јазик.

Андријана Јаневска, пејачка и музичарка


Бранислав Николов: Македонскиот јазик е огништето без кое духовно ќе смрзнеме

ДА ГО НЕГУВАМЕ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Прво и најважно е да се обезбедат услови за квалитетно описменување на потребната критична маса од новата генерација потенцијални вљубеници во книжевниот јазик и јазикот на уметноста.

Секој треба да се вложи, секој што умее да пишува на негуван јазик, од својата душа за душата на оние што се хранат од возвишената мисла. Оти само таа мисла облагородува и култивира вредности. И тука не мислам на индивидуални цели, туку на одржување во живот на огништето на македонската книжевна и уметничка мисла, оти во студени времиња на сеприсутен обездушен говор и беден отпечатен јазик, духовно се смрзнуваме и се задушуваме.

Но, зошто да не е и поамбициозно, зошто да не се поткрене на погорно национално ниво и таа мала но насушна категорија на луѓе што би пишувале и читале квалитетно. А преку тоа подигање да се повлече и подолниот слој што само чека да биде подземен угоре кон висините на македонскиот убав збор. А тоа се случува и сега. Но секогаш може и подобро.

Но треба да се внимава да не дојде до онаа непожелна спрега во гореспоменатото суштинско равенство, да не излезе како онаа: „Таму и таму, кај нас во тој и тој крај, има повеќе писатели од читатели“.

Мојата завршница би била од мој агол. Јазикот најлесно и најмеко стига до увото кога лета на крилата на музиката. Па, ете, песни има колку сакаш. Повеќе да се пеат нашите, помалку увезените.

Бранислав Николов, поет, музичар, лидер на „Фолтин“