Во училиштата не се стасани свидетелствата кои треба да се пополнат и да им се доделат на учениците, прво на полуматурантите, па некои од професорите стравуваат да не се повтори ланскиот проблем кога недостасуваа свидетелства поради што доцнеше процесот на доделување. Овој документ први треба да го добијат деветоодделенците кои ќе конкурираат за упис во средно училиште. Доколку се случи доцнење, велат од Министерство за образование и наука (МОН), учениците ќе конкурираат со слика од оценките од е-дневник.
Денес е последен ден од учебната година. Роковите за упис во средно се веќе следната недела.
– Сведителствата за оние кои завршуваат деветто одделение ќе ги доделиме на 13 јуни. Така, тие ќе имаат можност да ги приложат и на електронската апликација, но и на денот на уписите за средно училиште – вели Светлана Масларевска, директорката на основното училиште „Коле Неделковски“ во Скопје.
Од Министерството за образование и наука велат дека нема да има никакви проблеми.
Оттаму посочуваат дека основните училишта го организираат доделувањето на сведителствата и секако се информирани за роковите за упис на учениците во средните училишта.
– Доколку учениците до 15 јуни 2022 сè уште го немаат добиено своето свидетелство за 9-то одделение, ги внесуваат своите оценки евидентирани во е-дневникот. Кога ќе конкурираат електронски во полето за свидетелство за 9-то одделение (во полето за прикачување) прикачуваат документ/слика од е-дневник и на тој начин ја завршуваат апликацијата. Свидетелството од деветто одделение, задолжително ќе го приложат до училиштето при доставувањето на целокупната потребна документација на 16 и 17 јуни – посочуваат од ресорното министерство.
Оваа година, МОН за прв пат воведува нова дигитална услуга која ќе овозможи електронско аплицирање и нема да им одземе на учениците повеќе од 5-10 минути.
– Пријавувањето на учениците ќе се врши преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk. Регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките сметки на schools.mk. Упатството за логирање/најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страната за логирање/најава – се вели во соопштението од МОН.
Инаку, за првото пријавување на учениците во конкурсниот рок, порталот ќе биде отворен од 10 јуни во 10 часот.
– Учениците ќе може да ги пополнуваат своите пријави (апликации) заклучно со 15 јуни 2022 година најдоцна до 15 часот, после што системот ќе биде затворен за онлајн-аплицирање од ученици. Во наведениот период додека системот за аплицирање е достапен за учениците, тие ќе можат да вршат ажурирање, измени и дополнувања на своите пријави и да имаат увид во вкупниот број на поени од успехот, без поените од дипломите. Валидација на дипломите и внесување на поени од дипломите вршат комисиите од средните училишта – посочуваат од министерството.
Прелиминарната ранг листа на запишани ученици се објавува на 16-ти јуни 2022 година на интернет страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk, односно на https://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 9 часот.
Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 16 јуни од 12 часот до 19 часот и на 17 јуни од 7 часот до 19 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.
Второто пријавување на учениците ќе се врши на 21 јуни до полноќ и на 22 јуни 2022 година до 15 часот.
Третото пријавување на учениците ќе се врши на 28 јуни до полноќ.