Министерството за образование и наука (МОН) денеска во врска со протестот на петте јавни универзитети, кои бараат потпишување на колективен договор, за МИА потврди дека ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите и доколку постои волја во Собранието за негово потпишување, како институција ќе учествуваат во преговорите.
-МОН и министерот Јетон Шаќири ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите на вработените во образовните институции без разлика дали се во основното, средното или високото образование. Со оглед на тоа што основач на државните универзитети е Собранието, доколку таму постои волја за потпишување колективен договор и со другите универзитети, освен со УКИМ, како институција ќе учествуваме во преговорите, затоа што наставно – научниот кадар заслужува повисоки плати – потенцираат од МОН.
Инаку, денеска на мирен протест излегоа членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој побараа потпишување на колективен договор и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
Ректорот на Универзитетот Св. Климент. Охридски“ – Битола Игор Неделковски за време на протестот информираше дека добил порака од претседателот на Собранието Јован Митрески во која било наведено дека на денешната координација на пратеничките групи донеле одлука да предложат измени на Законот за високо обраозвание, со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на платите на сите.