Фото: Архива

И по четири години настаните во Диво Насеље, кога во престрелка со терористичка група загинаа осум припадници на полицијата, а 37 беа ранети, во јавноста сè уште има бројни дилеми и неодговорени прашања за мотивите и за нарачателите на овој „терористички чин“, како што беше квалификуван од страна на надлежните институции. Оружената престрелка меѓу терористичката група и полицијата се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Жителите на кумановското Диво Насеље рано изутрината ги разбудија рафали кои продолжија во наредните 48 часа, држејќи ја под опсада населбата.

Во престрелките животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои претседателот Ѓорге Иванов посмртно ги одликува со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст и самопрегор во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на земјава. Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група. Како што тогаш информираше МВР, криминално-терористичката група броела четириесетина членови. Во борбите со полицијата биле убиени 10 членови на групата, а се предале 28.

Како водачи на групата се посочуваат Мухамед Красниќи – командант Малишева, Мирсад Ндрецај (командант Нато), Сами Укшини – командант Соколи и други. Истата група беше посочена и дека претходно го извршила нападот на караулата Гошинце. Полицијата го осуетила нивниот план за напади на државни и на цивилни цели.

За настаните во Диво Насеље во февруари 2016 година почна судска постапка, со која беа опфатени 29 лица кои се товарат за сторени дела „терористичка организација” и „тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. И по три години, судскиот процес сè уште не е окончан.

Во ноември 2017 година Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите.  Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље  добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Адвокатите на осудените поднесоа жалби и пресудите се очекува да бидат разгледани од страна на повисокиот Апелационен суд.

По пресудата владејачката партија ДУИ побара меѓународна експертска група да го расчисти целиот случај кој сè уште ја бранува јавноста, а беше формирана и анкетна комисија во Собранието.

Последно, специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека СЈО нема бомби за овој предмет. Тие отвориле предистражна постапка, но според неа, ќе биде многу тешко да се каже дали воопшто СЈО ќе работи на тој предмет.