Министерството за внатрешни работи (МВР) ги информира граѓаните дека во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема во согласност со одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување земјоделски, односно шумски работи („Службен весник“ бр. 31 од 2010 година).

Во согласност со Правилникот, како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 килограми се подразбира:

– зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри;

– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина од најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 x 4) се подразбира:

– зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;

– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина од најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената оска.

Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса што надминува 3.500 кг се подразбира:

– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 милиметри;

– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина со минимум 4 милиметри ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;

– автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не може да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици што на својата бочна страна имаат ознака МС, М+С, М &амп; С и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Во согласност со важечкиот Правилник за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување пневматици со клинци.

Апелираме до граѓаните да се придржуваат кон законската обврска за поседување зимска опрема бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.