Фото: Игор Бансколиев

Крајно е непотребно носењето на децата на вакцинирање во Грција, бидејќи истите вакцини се и тука и таму. Родителите ризикуваат затоа што ако има некои последици од вакцината, нема да има кој да преземе одговорност, додека тука се активира Министерството за здравство, се формираат комисии и слично, вели директорката на Клиниката за детски болести

Откако невакцинираните деца не се примаат во градинките, како последица на епидемијата на морбили, која веќе подолго време трае во главниот град, родителите сѐ почесто носат одлука да ги носат децата на вакцинирање во соседна Грција, бидејќи повеќе веруваат во тамошните вакцини отколку во овдешните. Причината за ваквата одлука на голем број родители се должи на неодамнешниот скандал, во кој повеќе од 600 МРП-вакцини, според декларациите, биле со поминат рок. И покрај апелите на Министерството за здравство дека вакцините се исправни и дека родителите ќе ја добијат кутијата на самата вакцина за сами да ги проверат составот и рокот на траење, сепак, родителите не се одлучуваат да ги вакцинираат своите деца во државава.

– Како да го однесам син ми на вакцинирање по сите скандали, кои не само сега, туку и пред неколку години се случија со набавката на лекови во државава? Како да му верувам на системот, како да верувам во исправноста? Особено сега, кога во јавноста излезе информација за сомнителните МРП-вакцини што беа со поминат рок. Кој и како воопшто можел да стави таква декларација? Јас знам дека треба да го вакцинирам детето и сакам да го направам тоа, но не сакам да го направам тоа тука. Барам информации за педијатриски болници во Грција, каде што ќе одам да го вакцинирам со исправна вакцина – вели Марија Н., мајка на едно и полгодишно дете што треба да ја прими МРП-вакцината.

Таа вели дека според досегашните информации што ги добила, вакцината можат да си ја купат во Грција, да заминат во педијатриска клиника, каде што детето ќе биде прегледано и вакцинирано од тамошниот педијатар.

– За тоа добивам потврда дека детето ја примило вакцината и потоа со таа потврда доаѓам во Скопје – вели таа.

Но некои од родителите што веќе го направиле овој чекор велат дека сега, поради епидемијата, повторно не им ги примаат децата во градинка, бидејќи вакцината не им е впишана во вакциналниот картон, а вработените во градинките поради страв од казните што би им се изрекле, не ги примаат децата, бидејќи како доказ мора да го имаат вакциналниот картон, а доколку не е впишана МРП-вакцината, исто како да не е вакцинирано детето.

Со друг проблем се соочуваат родителите што, пак, се одлучуваат на некој начин сами да ја набават спорната вакцина од Грција.

– Јас ја имам вакцинирано ќерката со купена вакцина од Грција. Меѓутоа, мора да се внимава на транспортот, на температурата во која престојува вакцината. Значи мора да се има соодветен сад во кој нема да варира температурата за да може да се транспортира вакцината и таа да биде безбедна за да се вакцинира детето – вели Сузана.

Како што вели таа, порано било многу полесно да се вакцинира вака. Сега веќе ниту еден доктор не се нафаќа да вакцинира со купена вакцина од соседна земја, затоа што постои ризик за несакани последици, па потоа докторот како единка ќе треба да ги преземе последици, иако не е виновен за тоа.

Инаку, практиката на вакцинирање на децата во странство не е нова, туку се провлекува со години.

Дека родителите самите си прават непотребни паники тврди и директорката на Клиниката за детски болести и имунолог, Катерина Ставриќ.

– Крајно е непотребно носењето на децата на вакцинирање во Грција, бидејќи истите вакцини се и тука и таму. Родителите ризикуваат затоа што ако има некакви последици од вакцината, нема да има кој да преземе одговорност, додека тука се активира Министерството за здравство и се формираат комисии и слично – вели Ставриќ. Таа истакнува дека и родителите што ги набавуваат вакцините ризикуваат.

– Тие ќе ја набават вакцината, но нема тука кој да ги вакцинира. Никој не смее да вакцинира, бидејќи докторот не може да знае дали се запазени сите протоколи на транспорт на вакцината. Значи не се знае колку е запазен ладниот синџир при транспортот. Таа мора да биде на една константна температура. Во Македонија вакцините се чуваат во посебни фрижидери, каде што има мерачи на температурата. Доколку температурата варира, тие вакцини се исфрлаат од употреба – заклучува директорката.

Ставриќ нагласува дека тука родителите можат да ја добијат на увид декларацијата, со рокот, и да го вакцинираат детето.

Фото: Дарко Андоновски