Неодамнешната изјава на поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија, Соломон Паси, дека Балканот има потреба од нуклеарно оружје бидејќи тоа ќе го гарантира мирот на полуостровот во иднина, наиде на бурни реакции во земјите од регионот

Развојот на нови видови нуклеарни оружја од краток и од среден домет и од американска и од руска страна, како и повторно оживеаната доктрина на ограничена нуклеарна војна на европските простори, создава притисок врз земјите низ светот од што и државите од Балканот деновиве се засегнати. Неодамна поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија Соломон Паси во изјава за бугарската национална телевизија рече дека Балканот има потреба од нуклеарно оружје бидејќи тоа ќе го гарантира мирот на полуостровот во иднина. Ваквата несекојдневна изјава на балкански политичар од соседството наиде на бурни реакции во регионалните медиуми. Домашните безбедносни експерти, пак, во исто време тврдат дека во последно време големите сили, но и другите воено способни земји сѐ поголемо внимание му посветуваат на тактичкото нуклеарно оружје, па сега Македонија со влезот во НАТО исто така треба повнимателно да ги следи овие случувања.

Домашниот безбедносен аналитичар проф. Атанас Козарев истакнува дека би дошло до исклучително опасна ситуација на Балканот во која новите нуклеарни оружја би се користеле овде за сигурност и мир меѓу земјите. Имајќи го на ум историјатот на Балканот, судирите меѓу соседите во 1990-тите ваквата идеја е безмалку налудничава, иако тој во исто време се залага за нуклеарно разоружување на големите сили. Според него, евентуалното наоружување на балканските земји со нуклеарен арсенал би го подгреал стравот од нуклеарниот терор на Балканот.

– Македонија како нова членка на НАТО ќе биде легитимна цел за противникот доколку нели при евентуален судир би се нападнала Алијансата. Сепак, колку и да звучи ова сценарио налудничаво и хипотетичко докрај, треба да се истакне дека ваквите изјави, кои доаѓаат од регионалните политичари и аналитичари, не се случајно дадени. Тие зад себе носат порака што треба добро да се изанализира од домашните служби и да се направи макар стратегија на оваа тема – вели Козарев.
Тој објаснува дека сепак се надева дека Балканот нема да стане нова локација каде што ќе се одвиваат овие судири на суперсилите, иако нивните армии индиректно сѐ почесто се присутни во регионот, особено со зачестено одржување на воени вежби во изминативе неколку години.

Инаку, поранешниот министер за надворешни работи на Бугарија вели дека нуклеарно оружје во иднина треба да биде гарант за мирот на Балканот. Изјавата на Паси, која доаѓа во време на посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Бугарија во бугарската јавност предизвика низа реакции особено поради несигурноста во Црно Море, која беше главна тема при посетата на Столтенберг во Софија, бидејќи Русија поседува 80-90 од вооружувањето во регионот и тоа го загрижува НАТО.
– Европа има атомско оружје и ние, на Балканот, имаме потреба од нуклеарно оружје бидејќи тоа ќе го гарантира мирот како за време на Студената војна – изјавил Соломон Паси коментирајќи на тема за тоа колку тој е загрижен поради излегувањето на Русија од ракетниот договор со САД.