Фото: Маја Јаневска-Илиева

Репортерска екипа на „Нова Македонија“ истражува што го голта Преспанско Езеро (3)

Потребен е и одговорен и сериозен пристап на институциите од сите три земји што го делат езерото, зашто на луѓето што живеат околу не им се важни националноста, политичката или верската припадност, туку им е важно да го спасат езерото, бидејќи без него, нема да ја има Преспа онаква каква што ја познаваме, убавицата без која повеќе нема да бидат исти ниту Македонија, ниту Албанија, ниту, пак, Грција

Драматичното намалување на нивото на Преспанско Езеро ја вознемири целокупната јавност, која со право бара одговори на прашањето зошто ја снемува водата, дали поради сушата, поради човекот, или, пак, станува збор за виша сила.
Токму тоа ја инспирираше екипата на „Нова Македонија“ да ја посети Преспа и на терен да се обиде да побара одговори на овие прашања, но и да алармира до сите институции да преземат мерки за надминување на состојбата.
Планот беше да ги обиколиме речиси целото крајбрежје на езерото и местата што локалното население ги посочуваше како можни локации каде што се губи водата, па затоа најпрво се упативме кон Долна Преспа, каде што повлекувањето на водата беше најевидентно.

Нашата екипа се увери дека малите количества снег на Баба Планина и околните планини ги секнаа и водотеците што течат и го полнат езерото, а некаде кај Наколец единствено Брајчинска Река се пробиваше меѓу трските и доаѓаше до езерото, иако и нејзиното ниво за овој период од годината е прениско.
Во вториот дел истрагата за тоа каде исчезнува водата од Преспанско Езеро ја насочивме кон Галичица, карстна планина под чии карпи истекува водата и се појавува во изворите кај Свети Наум.

Привидот дека од оваа страна Преспанско Езеро не е многу повлечено се покажа како лажен, откако забележавме колку се повлекла водата на плажата во Стење, каде што дрвениот мост, кој некогаш беше длабоко навлезен во езерото, сега е речиси на суво.
Од Стење целта ни беше Коњско, бидејќи, како што ни појаснија локалните жители, меѓу Стење и Коњско во езерото се наоѓа местото Казан, каде што некогаш била измерена најголемата длабочина на езерото од 54 метри и каде што се претпоставува дека има многу подводни канали преку кои водата завршува под Галичица, а потоа во Охридско Езеро.
Не можејќи да се упатиме кон Коњско поради лошиот пат, нашата следна цел, која речиси сите ни ја посочија, беше месноста Завир во Албанија, место каде што, наводно, езерото најмногу понира.

На пат кон местото на злосторството

По кратко задржување поради граничните формалности, ја минавме македонско-албанската граница на граничниот премин Стење и по кривулест пат се упативме во потрага по местото што се посочува како главен виновник за опаѓањето на нивото на езерото.
Во овој дел на Преспа човек има впечаток дека не се наоѓа во туѓа држава, постојано се разминува со автомобили со македонски регистарски таблички, а и населението е македонско, така што кого и да прашате за некаква насока, ќе ви одговори на убав македонски дијалект.
– Завир? Тоа е понатаму. Ќе мора да го оставите автомобилот на патот, а потоа да се спуштите пеш – ни објасни жител на Долна Горица на чист македонски јазик.
Го послушавме, па откако најдовме соодветно место за паркирање, го започнавме нашето патешествие до понорот, кој, наводно, ги голта водите од Преспанско Езеро.
Движејќи се по карстниот предел, можевме да забележиме голем број отвори и пештери, кои навлегуваа длабоко во планината, а по ѕидовите на пештерите беа видливи капки вода. Самата конфигурација на теренот покажуваше дека нивото на езерото некогаш било многу повисоко, а целата област беше преполна со отвори, така што многу е веројатно дека голем дел од водата низ годините истекла токму од овие отвори, кои сега се на суво и далеку од водата.

Завир во Албанија, место каде што, наводно, езерото најмногу понира – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Движејќи се по опасен и карпест предел, пристигнавме во месноста Завир, каде што беше забележливо дека отворот низ кој можеби водата понира, сега е повторно под вода, иако неодамна беше на суво. Околината изгледаше апокалиптично. Изумрени школки, засушена тиња, а газењето по неа потсетуваше на газење по сунѓер, со чувство дека во секој момент може да ве проголта влажната подлога. Наоколу владееше необична тишина, дури ни засилениот ветер што го брануваше езерото, тука, во заливот, не се чувствуваше, а водата беше необично мирна. Токму таа смиреност на природата ни овозможи во еден момент да наслушнеме некакво жуборење. Во еден момент се понадевавме дека можеби некаква вода се враќа во езерото, но надежите ни беа попусти.

Водени од звукот, преку карпите го заобиколивме малиот залив и меѓу трските забележавме како водата истекува во една дупка, а понатаму ѝ се губи секаква трага. Не сме научници, но набљудувајќи ги теренот, дупките и пештерите во околниот карст речиси сме сигурни дека дел од водите на Преспанско Езеро низ годините истекувале и оттука, а како се намалувало нивото на водата, целиот предел останал на суво.
За нашата екипа немаше сомнеж дека ова била месноста од каде што истекла голема вода низ годините, но тоа не ни беше доволно да заклучиме дека само Завир е виновникот.

Пустец – место на контрасти

Го продолживме патот до Пустец, кој нè пречека со сета своја едноставност. Во околните ниви дедо и бабичка ја ораа нивата со дрвен плуг, како во времето од пред стотина години, а истовремено покрај нив поминуваше луксузен „мерцедес“.
– Ќе нè ставите на телевизија? Не сме толку убави да нè ставате – возвратија весело орачите, додека се обидувавме да им објасниме дека сме репортерска екипа од „Нова Македонија“.
По краток неформален разговор за живеачката во Пустец, ги оставивме да продолжат со својата работа, а ние продолживме со својата потрага по дупките што го голтаат Преспанско Езеро.
Навлеговме во Пустец низ мали тесни сокачиња. Имаше нови и убави куќи, помеѓу старите ѕидани со ќерпич. Се гледа дека времето оставило трага врз нив. Во самиот центар на Пустец има нов уреден плоштад и црква, а наоколу раздвиженост. Сите нешто работеа, користејќи го февруарското топло сонце. Се упативме во долниот дел на селото, кон крајбрежјето. Покрај патот запревме еден локален жител, кој пред себе го тераше магаренцето товарено со суви гранки.
– Овој пат по кој сега одите беше под вода. На времето ние згора одевме, над карпите, но сега водата е многу повлечена – ни раскажа старецот.
И самите можевме да се увериме дека е така гледајќи во тињата што останала по повлекувањето на водата. Веќе и кајчињата се на суво, а околината е обрасната само со трска, која шумолеше под налетите на ветерот што се засилуваше и го брануваше езерото.
Загледани во островот Мал Град, во заливот кај Пустец, знаевме дека тука привремено завршува нашето патување. Ни преостана да го поминеме уште делот на Преспанско Езеро од грчка страна, но тоа ќе го сториме понатаму.
Преспанци ни посочија дека голем дел од водата се празни и таму заради наводнување на големите земјоделски површини лоцирани покрај езерото, но таквите информации не можевме да ги потврдиме.

Тоа што ѝ се случува на Преспа ги засега сите

Како и да е, од она што можевме да го констатираме на терен за време на нашата мисија е дека е забележливо малото количество снег на околните планини, од чие топење зависат дотеците на свежа вода во езерото, како и зголемувањето на неговото ниво. Втора работа, карстот под Галичица и многуте отвори што ги забележавме, несомнено и во иднина ќе ги голтаат водите ако нивото на езерото некогаш се зголеми. Трета работа, ако климата во следните години не се смилува, ситуацијата ќе станува уште полоша. Сето тоа ќе придонесе за промена и на климата во Преспанско, што, од друга страна, ќе влијае и врз ретките растителни и животински видови карактеристични за овој крај.

И на крајот, потребен е и одговорен и сериозен пристап на институциите од сите три земји што го делат езерото, зошто на луѓето што живеат околу не им се важни националноста, политичката или верската припадност, туку им е важно да го спасат езерото, бидејќи без него, нема да ја има Преспа онаква каква што ја познаваме, убавицата без која повеќе нема да бидат исти ниту Македонија, ниту Албанија, ниту, пак, Грција.

Фото: Маја Јаневска-Илиева