Допингот на дискриминацијата во медиумите е класична политичка злоупотреба

Разговор со Рашела Мизрахи, техничка министерка за труд и социјална политика

Според Пржинскиот договор, суштината на функционирањето на техничката влада е да се спречи институционална злоупотреба на ресурсите на државата во предизборни цели. Во таа функција и вие, во својство на министерка за труд и социјална политика, какви перцепции имате во врска со оваа тежишна улога и постојат ли одредени тенденции, индиции или, пак, докази во оваа насока?
– Во оној момент кога ќе има злоупотреба со доказен материјал, министерството со кое сега раководам, веднаш ќе изреагира. Вработените се парализирани на политичка основа. Тоа укажува на голем политички притисок, на страв, што нѐ доведува до степен да размислуваме дека ќе има обиди за манипулација за време на изборниот процес. Мојата работа е менаџерска до изборите. Ова е министерство на проблеми и треба да одиме кон тоа да стане министерство на решенија.

Помина еден месец како станавте министерка за труд и социјална политика. Ова министерство претходно беше оценето како едно од оние сектори каде што се вовеле најмногу реформи. Се чувствуваат ли промените при функционирањето на организмот на министерството по вертикала и по хоризонтала? Како ги оценувате проектите што се спроведуваа?
– Не би се дрзнала да оценувам работа што се одвивала во тригодишен период за време од месец дена, ниту, пак, зашто доаѓаме од опозициски партии да демонизирам некого. Сите реформи во министерството биле изведувани врз база на самиот министерски кабинет, без знаење на поголем дел од вработените во министерството. Била вклучена меѓународната заедница, која давала идеи и финансии во однос на тоа како и во која насока да се одвиваат тие процеси. Не можеме вечно да се потпираме на помошта на меѓународната заедница. Би требало да бидат вклучени поголем број административни службеници, кои треба на своите плеќи да ги носат реформите во министерството. Без разлика кој ќе дојде на министерското столче во рамките на одредена влада, тие се работниците што остануваат по кој било функционер. Тоа би довело до нивна стимулација. Неколку луѓе од министерскиот кабинет ги правеле реформите што се однесуваат на цела држава. Тоа е неприфатливо.

Што сметате дека треба да се смени во работењето на министерството?
– Ова министерство треба да се зафати со изработка на статистика во однос на проблемите со социјалните ризици во земјата. Потоа со младите, за да можеме да правиме анализа на пазарот на трудот и усогласување на образовниот систем со пазарот на трудот и бројот на население во Република Македонија. Со тоа би го решиле горчливото прашање со сиромаштијата и иселувањето. Треба да видиме кои процеси нѐ чинат финансиски, дали се исплатливи и дали се процеси што ѝ се потребни на оваа држава. Вака, во хартиени и електронски изработени форми не можеме да ги следиме сите процеси во рамките на едно министерство. Сега не можеме да увидиме каде точно имаме застој или да имаме конкретни бројки за дополнителни анализи.

Што би можеле вие како новина и како проект да спроведете? Каде би го унапредиле работењето во рамките на делокругот на министерството со поголема ефикасност, а во функција на граѓаните?
– Во овие два месеца немаме стриктно дефинирано што би правеле во овој период, сепак ова е краток период. Истапивме со информацијата до Владата за продолжување на програмата за вработување на деца што се растени без родители. Се обидуваме да му помогнеме на одредено семејство што се наоѓа во загрижувачка состојба. Често за такви случаи сме алармирани и преку медиумите. Се трудиме да ги извојуваме борбите за додатокот, кој се добива како нега од друго лице, каде што има огромен застој. И сѐ уште има застој. Формираме база за понатамошното работење на ова министерство.

Како еден од поголемите проекти на ова министерство во изминатите две години се сметаше извлекувањето на сите деца од институциите. До каде е тој процес и дали истиот тој ќе се примени на постарите лица, кои се институционализирани?
– Го поздравувам овој процес, каде што децата се вадат од институциите и се сместуваат во групни домови или во згрижувачки семејства. Секоја реформа е убава на хартија, која може да трпи сѐ и сешто. Можноста реформата да се спроведе на терен и техничко-технолошкиот процес се сосема друго прашање. Колку тој систем е одржлив. Дали ги опфативме сите категории со оваа реформа? Дали имаме недостиг персонал што се грижи за овие луѓе? Го посетивме и центарот во Демир Капија, каде што исто така се зборуваше за извлекување на луѓето. Но само 17 лица се извлечени, а се оставени 187. Ваква реформа бара време и внимание. Се напаѓа еден проблем од повеќе аспекти. Ова засега не е решен проблем.

Фото: Игор Бансколиев

Сведоци сме дека сѐ уште постојат деца што питаат по улиците и крстосниците, и тоа не само во Скопје. Наедно сме сведоци дека низ центарот на градот постојат бездомници што спијат на самата улица. Што ќе преземе министерството во иднина за овие ранливи категории?
– Децата на улица не се тукутака појавени. Тие имаат свои родители. Проблемот во овој случај го гледам кај родителите, кои најчесто се во социјален ризик. Имаме два дневни центри, кои можат да згрижат 248 деца во Скопје оставени на улица. Тоа се дневни центри, во кои можеме да го подобриме нивниот дневен престој во одредени денови кога ќе ги евидентираме или кога тие самите ќе дојдат во центрите. Треба да се работи на нивна социјализација, ресоцијализација, на нивното образование. А главниот проблем зошто тие се на улица е недоволната социјализација и образованието на нивните родители.

Уште една појава врзана за децата. Имено, тоа е недоволниот капацитет на детските градинки. Имате ли во план како ќе се надмине оваа ситуација?
– Не се работи секогаш за отворање нови градинки, туку за реконструкција на стари градинки или за проширување одредени простории. Секако дека ни требаат повеќе нови градинки. Но треба да имаме и човечки ресурси за да имаме функционална градинка. Треба да се вклучат здравството, образованието, и другите сектори за да исполни целиот сегмент на овој згрижувачки воспитно-образовен концепт на овие институции. Секако дека е возможна изградба на нови градинки, особено со помош на меѓународната заедница. Сега, опфатот на згрижени деца во градинките низ земјата е 28 отсто на деца од 0 до 6 години и некаде околу 38 отсто на деца згрижени на возраст од 0 до три години.

Кои се вашите перцепции за т.н. бела чума? Какви се вашите ставови во однос на проектот додаток за трето дете?
– Наталитетот отсекогаш бил проблем, не само кај нас, туку и на многу места и низ историјата во светот. Не ги знам моменталните бројки, но наталитетот во земјава не опаѓа само од финансиски причини. Децата стануваат раритет во оваа држава и поради здравствената и животната средина, како загаденоста на воздухот и водата. Во последно време се случува и здрави млади брачни парови веќе да имаат проблем за зачнување дете.

Да се префрлиме со блиц-прашање на една друга категорија наши сограѓани, односно пензионерите. Имаше промена во моделот на зголемување на пензиите. Дали се согласувате со таквиот пристап во односот на институциите кон оваа група граѓани?
– Зголемувањето на пензиите не е реално зголемување. И мерките за социјална заштита со 300 отсто зголемување на давачките кон социјалните ризици се нереални, зашто буџетот на ова министерство не е поместен. Зголемувањето на платите, пак, треба да оди паралелно со зголемување на ефективноста. Не велам дека платите се високи, секако дека се ниски и треба да се зголемуваат. Но сето тоа треба да биде плански и рационално изведено за да нема повторно развој на сивата економија. Платите не се единствениот причинител за иселувањето. Тоа се и условите за работа и општествената токсичност.


Овој народ никогаш не бил антисемитски народ

Последното прашање би било за ваш коментар во врска со последните изливи на антисемитизам, говор на омраза, но и елементи со кои се кршат позитивноправните прописи на оваа држава.
– Допингот на дискриминацијата, кој и понатаму провејува низ различни медиуми на различна основа е само оцрнување на одредени карактери и тоа не е вистински политички адут, и е класична политичка злоупотреба. Сите коментари за одредена верска припадност се срамни и нереални. Да се игра политичка игра со користење таква терминологија и дискриминација е брутално. СДС дојде на власт на платформата „Живот за сите“. Не добивме отворено извинување на Зоран Заев. Овој народ никогаш не бил антисемитски народ. Овој народ никогаш немал такви претензии, ниту така ме доживувал – вели Мизрахи.

[email protected]