Фото: Маја Јаневска-Илиева

АКТУЕЛНИ ПОЈАВИ ЗА КОИ МАЛКУ СЕ ЗБОРУВА (1)

Зошто децата се самоповредуваат и се однесуваат деструктивно? Дали причина за тоа се единствено современата доба и емоционалната бездна што се создава кај најмладите или, пак, допирот со „либералните“ трендови на интернет и некритичната понуда на антисоцијални и асоцијални содржини си го земаат данокот? Го зголемуваат ли ваквите трендови ризикот од суицидни намери кај децата? „Нова Македонија“ во две продолженија го анализира овој феномен

На сите ни се познати непишаните правила актуелни со генерации во училиштата, а тоа се меѓусебните предизвикувања кај учениците. Основците во предметна настава, но и оние во одделенска, често се предизвикуваат меѓусебно, односно како што се нарекува тоа во новоговорот, тие си прават т.н. „челинџ“ инспирирани од интернет. Учениците меѓусебно се предизвикуваат на најразлични начини – од пиење литар вода за што пократко време, до меѓусебно удирање со различни предмети ако некој загуби во одредена „игра“. Но има и многу такви, кои се повознемирувачки. На пример, предизвикот – кој ќе издржи да поднесе најмногу шамари. Но она што веќе загрижува, е што ваквите трендови на предизвици многу често одат дотаму што заради сопствено „докажување“ пред врсниците, некои од нив сериозно физички се самоповредуваат!

Трендот е во подем, а има и сериозно деструктивни примери кај нас

Зошто децата се самоповредуваат и се однесуваат деструктивно? Дали причина за тоа се единствено современата доба и трендовите на интернет? Го зголемуваат ли тие девијации ризикот од суицидни склоности кај децата? Кај нас минатата година имаше случај во Битола, кога четворица основци „предизвикани“ од опасните игри „Момо“ и „Синиот кит“, си ги искасапиле рацете. Алармот за тревога беше вклучен и по неколкуте случаи од земјите во регионот, поточно во Босна и Херцеговина (Сараево), каде што децата си ги сечеле рацете со стакло, а потоа, најверојатно за да бидат во тренд, сликите ги споделиле на Инстаграм.

Радмила Живановиќ, психолог и психотеравпевтка во „Психотерапика“, за „Нова Македонија“ вели дека како што системот и семејството стануваат послабо заинтересирани, невклучени, отсутни во однос на децата за овој проблем, го игнорираат и не го адресираат навреме, преваленцијата дека самоповредувањето ќе се пројавува и ќе опстојува сѐ повеќе.

– Eдно e современиот начин на живеење и што претпоставува тој, а друго e како се користи технологијата во однос на унапредување или уназадување на начинот на живеење. Преголемата присутност на социјалните мрежи и честиот судир со туѓите симулирани и егзибиционистички приказни или активности од една страна, или катастрофални настани и катастрофи од друга страна, знае да предизвика кај сите од нас да гледаме во една реалност, која не е во целост реална, затоа што исклучува битен дел од процесот и останува повеќе во една ухранета фантазија на живот, кој секогаш има решение. Замислете кога сето тоа го следи едно дете или адолесцент во развој, каква референца во нивниот живот гради тој дигитален свет, какви вредности заземаат корен во нивното поимање на светот, релациите и случувањата. И сега замислете како детето е оставено целосно само во ваков свет, без никаква родителска медијација, дури и самите родители моделираат одредено однесување, кое децата само го преземаат и го следат. Кога ја гледате мајка ви како во поголем ден од денот коментира што ѝ се случило на Фејсбук и кој што коментирал и што е најбитна тема, наместо да се интересира за она како ви е вам, како ви поминал денот, како сте незадоволни од растењето, дали имате прашања во врска со другарството, сопствениот изглед и промени, со навреди, со насилство, со несоодветни однесување, јасно е како таканаречениот „современ живот“ ќе го земе приматот во воспитувањето – вели Живановиќ.

Таа додава дека со право лекарот Габор Мате вели дека денес врсниците и социјалната култура го раснат детето во време на отсутни родители или родители преоптоварени со сопствените прашања и дилеми, кои само лебдат во заедничкиот простор што го нарекуваме семејство.

Нарушена релација со светот во кој припаѓаме

Сaмоповредувањето е обид да се воспостави контрола врз себе за да се искомпензираат нарушената релација и влијанието во светот во кој припаѓаме, додава психологот.

– Многу добро е познато дека кога не знаеме како да се изразиме во опкружувањето, најчесто се изразуваме кон себе, затоа што во даден момент, се што имаме е самите себеси. И кога тоа „себството“ само се снаоѓа да преживее во овој даден свет, да стане уникатно и посебно, прифатено и разбрано, тогаш и автодеструкцијата е мала цена, која би можела да се плати. За мене самоповредувањето е еден вид компулсивно однесување за да се намали тензијата во телото, која тргната да се изразува кон надвор, но нешто силно или ја спречило или таму надвор нема никој што може да ја слушне и да ја разбере. Така, актот на некаков вид изразување или агресија се врти кон себе и се растоварува врз себе. Самоповредувањето е и акт на слободна волја, на потреба да го правам она што е забрането, што ги ужаснува другите, читај родителите, за да се покаже таа потребата за привлекување внимание, или уште повеќе, потребата за доминантност, но и влијание врз системот во кој припаѓаме. Понекогаш е процес на самоказнување, во кој детето живеејќи со родители што премногу очекуваат, не успева да ја донесе сопствената слабост, и самото се нормира и казнува онака како што претпоставува дека родителите би го казниле, за да презентира една слика на идеално, послушно дете. Ние сите, па дури и како возрасни, имаме тенденција на самоповредување тогаш кога не успеваме да го изразиме она што сакаме на начин на кој сакаме – објаснува Живановиќ.

(продолжува)