Со полагање цвеќиња на Могилата на непобедените претставници на Амбасадата на
Руската федерација во земјава, од Општина Прилеп и од Сојузот на македонско-руското друштво за пријатество и соработка на Македонија, во услови на коронавирус, денеска го одбележаа 9 мај – Денот на победата. При тоа им беше оддадена почит на загинатите, кои своите животи ги дале за големата победа од пред 75 години.

На Могилата на непобедените, каде се посмртните останки на загинатите партизани, почиваат и останките на рускиот војник Петрович Кириков Иван, кој бил дел од руската чета во баталјонот „Мирче Ацев“, кој загинал во борбите кај Плетвар.

Во Прилеп години наназад се одбележува овој датум со пригодна програма. Според истражувањата, руската чета броела од 30 до 40 војници во баталјонот „Мирче Ацев“ кои под раководство на командирот – Иван В. Барсјуков, се бореле против
фашистите во борбите во велешко, прилепско- битолскиот регион. Неколку руски војници загинале и тоа во демирхисарско, во Здуње, а Петрович кај Плетвар. Ка.М.