Планинарскиот дом „Копанки“, кој пред нецели шест години изгоре до темел, се враќа во сопственост на државата!
Деновиве за ваквото решение битолската јавност беше информирана директно од страна на градоначалничката Наташа Петровска, која по ревизијата на решението за легализација на објектот од страна на општинската администрација донесе решение со кое поништи дел од решението за легализација на планинарскиот дом „Копанки“ со кој претходното општинско раководство, на 3 декември 2015 година, домот му го даде во сопственост на планинарското друштво Пелистер.
– Градоначалникот на општината Битола донесе решение со кое решението за утврдување правен статус на бесправно изграден објект, донесено под УП1 број 27-5932 од 21.12.2015 година, со правосилност од 23.12.2015 година за бесправен објект, донесено на име Здружение планинарски спортски клуб Пелистер, делумно се огласува за ништовно.
Со поништувањето на дел од решението и враќањето на „Копанки“ во сопственост на државата се отвора можноста домот, кој веќе неколку години по пожарот стои руиниран, да се реновира и повторно да се изгради. Сега, со враќањето на „Копанки“ на државата, општината Битола има право да побара од Владата да го земе домот во свое владение и да го обнови.
Но ваквото решение на градоначалничката Наташа Петровска предизвика бура реакции кај битолската јавност, особено кај планинарите во Битола.
– Како здружение, ПСК Пелистер, како луѓе и граѓани на Битола, денес се соочивме со уште еден во низата напади врз нас, врз планинарството и спортот севкупно. Овој пат притисокот е изразен со донесување решение од страна на градоначалничката со кое ни се одзема сопственоста врз планинарскиот дом „Копанки“. Како во најдобрите Сталинови времиња, ама овојпат во 21 век – се спроведува нова национализација.
Решението е правно неиздржано, контрадикторно по форма и суштина и ќе го поништиме во соодветна законска постапка. Нема да подлегнеме на притисоците, нема да се предадеме, и покрај сите непријатности што ни се вршат и како планинарски клуб и поединечно на нашите членови. Правото и правдата се на наша страна и тоа ќе се докаже со идната правосилна пресуда! Градоначалничката за ваквото постапување ќе одговара според законот, кој, нели, е ист за сите. За политичката и моралната одговорност ќе оставиме да судат нашите сограѓани – се вели во реакцијата на ПСК Пелистер.
На ваквата реакција на планинарскиот клуб Пелистер следуваше нова реакција од општинската администрација.
– Стручните служби утврдија прекршување на Законот за легализација на бесправно изградените објекти. Донесувањето на решението за делумно поништување на претходно донесеното решение со кое сопственоста на објектот „Копанки“ е утврдена на ПСК Пелистер, не претставува никаков обид за влијание и притисок. Напротив, значи спроведување законска процедура што произлегува од Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Решението е донесено по целосна анализа од страна на стручните служби на општината Битола на процесот на легализација на домот „Копанки“- стои во реакцијата на општината Битола.
И како што е вообичаено во Битола, случајот „Копанки“ доби политичка боја, па, така, домот стана предмет на остра преписка на политичките партии.
– Јавноста треба да знае дека здружението ПСК Пелистер има извршено незаконско приграбување на сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“ на 10.11.2016, преку негово впишување како таков во Агенцијата на катастар и недвижности. Здружение на граѓани не може да биде сопственик на имот што до 1991 година ѝ припаѓал на државата, односно планинарскиот дом „Копанки“ бил и мора да остане во државна сопственост на државата – смета советникот од СДСМ Методија Илиевски.
Во врска со последните настани за „Копанки“ се изјасни и координаторот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и советник во општината, Иванчо Тошевски.
– Донесеното решение е врв на лагите и лицемерството на градоначалничката Наташа Петровска и актуелното раководство на СДСМ во Битола. Битолчани којзнае по кој пат повторно се излажани од СДСМ и од Петровска. Сите одлуки донесени во минатите состави на советот на општината Битола, кои беа неопходни во процесот на легализација и утврдување на сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“, се донесени со консензус од страна на сите членови на советот. Во тие состави членови биле градоначалничката Петровска, координаторот на советничката група на СДСМ Илиевски, претседателот на советот Валентин Груевски и претседателот на СДСМ во Битола Златко Ќурчиевски.
Дали зад ова решение стои нова афера со уцени од типот на Коки и Кики, само сега режирана од ваш коалициски партнер, останува да покаже времето – нагласува Иванчо Тошевски, кој смета дека со донесувањето на таквото решение од страна на општината Битола целта е приграбување на „Копанки“ од страна на лице што е близок роднина на висок функционер од актуелната власт.
Во врска со случајот „Копанки“ свое видување даде и претседателот на советот на општината, Валентин Груевски, кој тврди дека општината нема намера да го национализира или приватизира „Копанки“, туку дека тој со претходниот статус бил приватизиран.