По промената на името се променија и блокаторите на Македонија на нашиот пат кон евроинтеграциите. Овој пат со блокада се заканува Бугарија, која бара до октомври да се затвори историското прашање за Гоце Делчев, односно Македонија да прифати дека тој бил Бугарин. Што мислат дипломатите за најновиот развој на настаните
Двозначноста, односно двосмисленоста во дипломатските изјави е можеби една од најекспонираните умешности во оваа професија, а вештината да се прочита вистинската порака меѓу редови станува предизвик за секој што има амбиции да ја разбере реалноста. На неодамнешната посетата на бугарската делегација на Македонија, што требаше да претставува некакво заедничко чествување на Илинден, а и одбележување од двегодишнината на потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка меѓу двете земји, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, упати токму таков „двозначен“ предизвик во однос на поддршката на македонските амбиции за започнување на преговорите за членство во ЕУ, во октомври, годинава.
– Комисиите треба да седнат и да разберат дека имаат историска задача и да останат во историјата и до октомври да ги завршат тие теми. Инаку, верувајте ми би било навредливо кон народот што загинал по тие земји, затоа што историски така се менувале границите што зависи од кога и како ги гледаш. Тие можат да станат препрека за новата историја. Јас се однесувам како што ќе ми кажат историчарите, инаку ќе бидам обвинет дека продавам или дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас исто така имам граница што можам да си ја дозволам. И цело време знам дека по секоја цена комисиите треба да најдат прифатливо решение, зашто тоа ќе биде исклучително добро за иднината, за младите и за перспективите. Темата не треба да се остави за по октомври, комисиите треба да работат секојдневно, треба да постигнат компромис – одговори Борисов на прашањето дали постои можност Бугарија да не ја поддржи Македонија во октомври да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, доколку дотогаш не биде усогласена националноста на револуционерот Гоце Делчев. Токму ова прашање е и предмет на работата на мешовитата македонско-бугарска образовно-историска комисија.
Патем, Борисов не пропушти да каже дека Гоце Делчев е Бугарин што се борел за слободата на Македонија.
По одложувањето во јуни на одлуката на ЕУ за проширување, новиот термин во кој Македонија се надева дека ќе добие датум за почеток на преговорите е октомври, за кога е закажан нов самит на Унијата. Иако официјалното соопштение од Унијата за одложувањето на одлуката за Македонија е од технички причини (германскиот Бундестаг немал време да расправа за извештајот на ЕК за земјава), а наводно биле исполнети сите задачи од македонска страна, во меѓувреме се појавија нови услови што земјава треба да ги исполни до октомври. Еден од тие услови е донесувањето на законот за јавно обвинителство, со кој ќе се реши и статусот на СЈО, а со тоа ќе се покаже решеноста за справување со организираниот криминал и високата корупција. Но токму последните настрани и изјави на бугарски политичари исфрлаат на површина нов услов што би можела да го постави Бугарија, која е членка на ЕУ, а декларативно, поддржувач на македонската евроинтеграција. Изјавата на Борисов во Скопје, „работата на комисиите да заврши до октомври“, а веднаш потоа и експресниот предлог на претседателот на бугарскиот дел од комисијата, Ангел Димитров, за вонреден состанок на мешовитата експертска комисија, неминовно ја наметнува и дилемата дали можеби Гоце Делчев сега станува нов услов за ЕУ. Или, со други зборови, овој пат да прифатиме сѐ што ќе ни побара Бугарија за таа да не нѐ блокира на патот кон ЕУ.
Дали откажувањето од македонскиот идентитет на Гоце Делчев е условот на Бугарија за доделување на датумот за почеток на преговори со ЕУ?
– Ултиматумот и уцената на Борисов дека до октомври мора да прифатиме дека Гоце Делчев е Бугарин ги отвори сите карти. Тоа покажа дека капитулантскиот договор со Бугарија ги дава првите резултати, како што покажува и докажува дека проблемите со Софија не само што не се решени туку ескалираат до вселената. Истовремено тоа јасно навестува дека Бугарија е новиот блокатор на македонските евроинтеграции и дека ако не ги прифаќаме нивните услови, преговорите за ЕУ ќе бидат пеколни. Најверојатно, сепак Борисов нема да биде тој што ќе го спречи евентуалниот датум за почеток на преговорите со ЕУ, што е речиси невозможно да се добие во октомври. Меѓутоа, во текот на евентуалните преговори, Бугарија ќе биде поголем попречувач за Македонија отколку Грција, иако и тие нема многу да заостануваат – вели поранешниот македонски дипломат, Ристо Никовски.
На истата тема побаравме мислење и од ЕУ-мисијата во Македонија и од дипломатските претставништва на земји-членки на ЕУ во земјава, но до затворањето на денешното издание на весникот, не добивме одговор. Некои од дипломатите во овој период ги користат своите годишни одмори, па официјалниот одговор за бугарското условување на македонските евроинтеграции засега останува во доменот на „дипломатската двозначност“.
Инаку поканата за вонреден состанок на Ангел Димитров, претседателот на бугарскиот дел од мешовитата експертска комисија, беше оценет како „повик на двобој“ од неговиот колега Драги Ѓоргиев, претседателот на македонскиот дел од комисијата. Според Ѓоргиев, доколку се отвори идентитетското прашање за Гоце Делчев, односно ако се инсистира да се договори неговиот идентитет, тогаш најверојатно преговорите ќе пропаднат.