Фото: Маја Јаневска-Илиева

Комисијата за заразни болести вчера презеде заострени мерки за превенција од ширење на коронавирусот, кои потоа беа усвоени од Владата, откако завчера во текот на еден ден беа потврдени четири нови случаи позитивни на коронавирусот. Новите мерки стапуваат во сила веднаш и ќе важат во следните 14 дена

Дали Македонија е на вистинскиот пат за справување со ширењето на коронавирусот? Колку превентивните мерки што државата ги презема се ефективни, а колку паниката што се шири во јавноста е контрапродуктивна? Овие дилеми излегуваат на површина, особено по силниот притисок на јавноста, надлежните да преземат дополнителни мерки за заштита на населението и на колективно здравје од овој вирус. Јавноста очекува одговори и на прашањето дали институциите се сериозно подготвени за справување со целата ситуација поврзана со ширењето на коронавирусот. Епидемиолозите, пак, велат дека во земјава се почитуваат инструкциите на Светската здравствена организација, како и препораките на стручните лица, кои со децении се едуцираат за вакви епидемиолошки ситуации.
Велат дека Македонија генерално не заостанува во преземените мерки за превентива, дури сметаат и дека државата презема мерки како за многу поризична состојба.

Заострени мерки

Комисијата за заразни болести вчера презеде заострени мерки за превенција од ширење на коронавирусот, а потоа истите тие беа усвоени на седница на Владата, откако завчера во текот на еден ден беа потврдени четири нови случаи позитивни на коронавирусот. Високоризичен случај е тој на заболената докторка и директорка на Клиниката за кожни болести, која по нејзиното патување во Италија, пет дена редовно одела на работа и држела предавања во скопски ресторан, што значи дека имала средба со многу лица. Поради овој случај повеќе од стотина лица се во домашна изолација.
– Градинките, основните и средните училишта и сите воспитно-образовни институции ќе бидат затворени во наредните 14 дена. По еден родител во семејството, што има дете до 10-годишна возраст, ќе биде ослободен од одење на работа. Донесена е и забрана за одржување на сите јавни собири, културни настани на ниво на државата и спортски натпревари, а повозрасните и хронично болните лица да избегнуваат јавен превоз. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица што доаѓаат од високо и средноризични држави во период од 14 дена. Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители, освен со посебна дозвола, која ја издава Министерството за здравство. Вработените во јавните здравствени установи, кои се ангажирани во изборниот процес, да бидат изземени од понатамошно учество и да бидат заменети со други лица – се мерките што ги усвои Владата.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека засега нема нови позитивни случаи на коронавирусот, но дека Инфективната клиника е подготвена да се справи за евентуална прогресија на ширење на ова заболување.
– Има осум изолирани боксови со респираторни машини. Направен е акциски план за оваа ситуација и е ослободено едно крило од болницата за сместување на евентуални нови заболени. Предвидено е кои капацитети ќе се користат ако има прогресија на состојбата. На оваа клиника ќе бидат концентрирани сите пациенти – посочи Филипче.
Тој предочи тестовите за утврдување коронавирус да се прават исклучиво во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, која е акредитирана лабораторија, потврдена и од лабораторија во Германија.

Европа мобилизирана

Италија, како една од европските земји каде што најмногу се рашири коронавирусот, ги прошири строгите мерки за карантин од коронавирусот, на ниво на целата држава. Таму се забранети сите движења, освен за докажани потреби. Мерката дојде поради најголем биланс на починати од вирусот за еден ден од 97 лица.

 

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владата на Србија донесе дополнителни мерки за спречување на ширењето и контрола на заразната болест, односно воведена е привремена забрана за влез во Србија за странски државјани, кои доаѓаат од области со интензивно пренесување на коронавирус.

Албанија, пак, откако ги потврди првите два случаја на инфекција со коронавирус, нареди прекин на наставата во сите образовни институции до 3 април годинава.
За да се спречи дополнително ширење на инфекцијата, грчката влада воведе серија превентивни мерки меѓу кои и затворање на голем број училишта низ државата. Ваквата одлука следува откако бројот на позитивни случаи се искачи на 73 лица.
Австрија наметна забрана за сите лица што доаѓаат од Италија, освен ако немаат лекарско уверение, а на Австријците што се наоѓаат во Италија ќе им биде дозволено да се вратат, но мора да останат во изолација две недели. Тамошната влада ги откажа предавањата на универзитетите и во стручните училишта, а компаниите ќе го поттикнат персоналот да работи од дома. Австрија досега има пријавено над 150 потврдени случаи на коронавирус, а оттаму велат дека смртноста од вирусот е толку голема што Владата не може да оди со помеки мерки.
Училиштата во Чешка ќе бидат затворени на неопределено време и ќе се забранат собири на повеќе на стотина луѓе.

И Советот на Европската Унија одлучил да воведе превентивни мерки против коронавирусот. Со нив се планира да се намали бројот на состаноци во зградата на советот во Брисел, а ќе се намали и бројот на учесници на состаноците. Прв потврден случај на ковид-19 во седиштето на НАТО.


Филипче: Не се размислува за одложување на изборите

Сѐ уште не се размислува за евентуално одложување и за тоа како ќе се одвива претстојната кампања за одржување на парламентарните избори закажани за 12 април годинава. Ова вчера го посочи министерот Филипче, со оглед на тоа дека кампањата за одржување политички митинзи е предвидено да почне на 23 март годинава, во време кога сѐ уште ќе траат мерките за забрана на одржување на собири над илјада лица, како и препораките за неодржување мали собири под илјада лица.

[email protected]