Состојбата во Северна Македонија е загрижувачка, но може да се стави под контрола со масовно тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање. Ова го изјави денеска на прес-конференција, доктор Фабио Скано, советник на Светската здравствена организација Европа.

– Ова што го гледаме во моментов е загрижувачко. Поуката што треба да ја извлечеме е дека до пронаоѓањето на делотворна вакцина, не смееме да се опуштиме. Дејствата што ќе се преземат овие денови, но и во неделите и месеците кои претстојат ќе бидат критично важни со цел да се спречат случаите на новозаразени и да се спасат човечки животи – изјави Скано.

Доктор Скано во земјава престојува од понеделникот со цел да се подобри разбирањето за еволуцијата на ковид-19 и влијанието на постојните мерки. Во текот на посетата тој оствари средби со претседателот Стево Пендаровски, членовите на Комисијата за заразни болести, Кризниот оперативен центар за ковид-19, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје во Скопје и Тетово, лабораториите и другите здравствени институции кои работат со справување со кризата, како и со поединци од заедницата и верските лидери во земјата.

Тој позитивно го оцени одговорот на здравствените власти, особено заложбите на здравствените работници. Скано го нагласи фактот за поставување одговор на кризата уште пред да се појават случаите: силниот капацитет за тестирање кој овозможи идентификација на пациентите во раните фази на пандемијата, агилната пренамена на здравствените капацитети со што се овозможи соодветна здравствена грижа за пациентите со ковид-19 и раната заштита на постарите граѓани во домовите за згрижување.

Сепак, вели дека повторното појавување на случаите може да се менаџира – и во иднина сите напори треба да бидат насочени кон превенција од зголемување на жариштата. Ова е возможно ако Владата и заедницата работат во цврста спрега.

– Северна Македонија, до неодамна беше од најдобрите примери за одговор на кризата во регионот на Европа и може да биде повторно – изјави Скано.

Како дел од заклучоците тој истакна дека треба да се прошири добрата работа направена досега во идентификувањето и изолирањето на сомнителните случаи.

– Сега е време сите повторно да се ангажираме, општеството во целина, за да ги идентификуваме случаите и нивните контакти рано и да продолжиме со заштитните мерки. Ова е единствениот начин да бидеме пред вирусот. Целосно разбираме дека социо-економското влијание на јавните здравствени мерки предизвикуваат загриженост бидејќи ги запираат животите и живеењето на луѓето. Сепак, здравствениот и економскиот интерес не треба да бидат контрадикторни. Одговорот мора да биде соодветен и јавните здравствени мерки треба да бидат прилагодени со нивото на трансмисија на болеста – додаде претставникот на СЗО.

Скано ја потврди поддршката која СЗО ја дава на нашата земја за да се зајакне одговорот на пандемијата за да се заштитат животите и живеењето на граѓаните.