Словенечката влада денес објави дека во наредните недели, со оглед на пристигнувањето поголеми количини вакцини, ќе ја забрза кампањата за имунизација, во која ќе биде вклучена и војската.

Според официјалните податоци, 413.033 лица досега примиле прва доза вакцина во Словенија, а 180.084 се имунизирани со двете дози, но достапноста на вакцините сега е многу поголема, па од следната недела во поголемите центри бројот на вакцинирани може да биде двојно или тројно поголем во однос на досегашното темпо.

Министерот за здравство, Јанез Поклокар, потврди дека војската и воениот санитет, како и цивилната заштита, ќе бидат вклучени во кампањата за имунизација против вирусот Ковид-19 и дека целта на владата на Јанез Јанша е мнозинството од населението да добие вакцини до крајот на јуни годинава.

Поради малку подобрата епидемиолошка состојба во 5 од 12 словенечки региони, владата од понеделникот во тие региони дополнително ги ублажи мерките во однос на оние што важат на нивота на целата земја.