Коронавирусот не ги одмина ниту САД, каде што македонските иселеници веќе ги чувствуваат последиците од новонастанатата ситуација.

– Над 50 години сум во САД. Од тие 50 години секој ден сум во Њујорк, кој сега не можам да го препознаам. Во градот кој никогаш не спиеше, се е затворено. Не работат рестораните, кафулињата, клубовите. И нас ни наредија да се самоизолираме. Компаниите веќе делат откази. Голем број луѓе се отпуштени од работа или наредено им е да работат од дома. Некои корисници на деловен простор, особено на ресторани, ги откажуваат локалите и рестораните кои ги држеа под кирија, бидејќи државата им забрани да работат. Тоа што ги плаши нашите иселеници е колку ќе трае кризата и колку долго ќе траат кризните економски мерки, односно како ќе ги плаќаат кредитите – вели нашиот иселеник во Њујорк Љ.К., кој уверува дека ова криза потешко ќе ги погоди САД од економската рецесија во 2008 година.

Во Њујорк до вчера беа регистрирани 3.954 лица заразени со коронавирус и 26 смртни случаи.

Инаку, нашите иселеници во САД ни посочија дека сметаат оти Македонија во моментов подобро се справува со коронавирусот отколку САД, и покрај тоа што воведените мерки се слични. М.М.