Државите од регионот Азија-Пацифик кои го преводеа светот во сузбивањето на коронавирусот сега не успеваат да направат пробив во трката за конечна победа, пишува „Њујорк тајмс“.

– САД кои беа под потежок удар на заразата, сега полнат стадиони со вакцинирани љубители на спортот, додека пандемиските шампиони од Истокот уште се заглавени во состојбата на неизвесност, изолација и рестрикции – наведува американскиот весник.

Во јужна Кина ширењето на индискиот вид доведе до ненадеен карантин во Гвангжу, додека Тајван, Виетнам, Тајланд и Австралија исто така се соочија со избивања на заразата, а Јапонија се справува со стравувањата од четврти бран, особено во пресрет на Летните олимписки игри во Токио.

Кампањите за вакцинација штотуку почнаа во Виетнам, Тајван и на Тајланд, додека забележано е забрзување во Кина, Јапонија, Јужна Кореја и во Австралија. Според досегашните податоци околу 20 отсто од населението во Азија досега примило барем една доза вакцина. Континентот сега соочува со неизвесност, а бизнисите со внимание ја следат ситуацијата во јужна Кина и како избивањето на заразата ќе влијае на работата на тамошните пристаништа. Можните карантини во Азија би резултирале со дополнителна штета на економиите, а би можеле и да придонесат за промени на политичката сцена, како што сметаат познавачите на состојбите.

– Ако не сме заглавени, тоа е како да чекаме во кал или во лепило. Сите се обидуваат да излезат од ваквата ситуација – вели Тери Нолан, водечкиот човек на групата за истражување на вакцините и имунизацијата на институтот „Доерти“ во Мелбурн.

Луѓето од регионот Азија-Пацифик продолжуваат со секојдневните активности, носејќи маски и почитувајќи го социјалното дистанцирање. Но истовремено стотоци милиони не се вакцинирани, а границите остануваат затворени, со што се поставува прашањето кога ваквата пандемиска рутина ќе заврши.