Чешката влада објави дека го исклучува рускиот „Росатом“ од тендерот за нуклеарна централа вредна повеќе милијарди евра и се откажа од набавка на руската вакцина „спутник В“, во услови на дипломатски конфликт со Москва.

Одлуката е донесена по неколку меѓусебни протерувања на дипломати, откако Прага ги обвини руските тајни служби за смртоносната експлозија во Врбетице во 2014 година, во која загинаа две лица.

– Нема да бараме документи за проценка на безбедноста од „Росатом“ – им рече на новинарите чешкиот министер за индустрија и трговија, Карел Хавличек.

По одлуката за исклучување, договорот за изградба на нова единица во нуклеарната централа „Дуковани“ на југот од Чешка до 2036 година, можеби ќе биде склопен со францускиот ЕДФ, јужнокорејскиот КХНП и американскиот „Вестингхаус“.

Чешкиот министер за надворешни работи, Јан Хамачек, објави и дека неговата земја сега веќе нема намера да ја набави руската вакцина против ковид-19, „спутник В“.

– Ќе се потпреме на вакцините одобрени од Европската агенција за лекови, ЕМА – додаде тој.

Употребата на „спутник“ предизвика превирања на чешката политичка сцена.

Пред една недела, чешкото претседателство објави смена на министерот за надворешни работи, Томаш Петричек, кој беше против употребата на таа вакцината без одобрение во Европа.