Државите во ЕУ експериментираат со нови начини за справување со коронавирусот. Германија, Португалија и Италија воведоа селективни или „паметни карантини“ затворајќи одредени помали региони како одговор на новите жаришта, наместо да ги затворат целите држави, пренесува „Блумберг“.

Ваквиот пристап е единствена надеж за враќање кон понормален начин на живот додека се чека на создавањето на вакцина. Но, исто така значи поголема одговорност за јавниот сектор, споредено со генералниот карантин. Надлежните здравствени лица треба да осигураат дека малите жаришта нема да излезат надвор од контрола, со што би наметнале потреба за построги мерки.

Ваквиот пристап кон карантинот не претставува отфрлање на подраконските мерки кои повеќето европски држави ги воведоа. Всушност, сегашната стратегија може да функционира бидејќи Европа во голема мера го доведе избивањето на нови инфекции под контрола. Таа не би била применлива за државите како што се САД и Бразил каде што новите инфекции уште се шират во повеќе области.

„Паметните карантини“ бараат соработка од граѓаните – носење маски додека се практикува социјално дистанцирање. То се два начина за намалување на бројот на нови случаи. Но, голем дел од товарот паѓа врз националните влади. Тие треба да ги идентификуваат новите случаи рано, преку брзо тестирање, и да ги следат контактите на заразените лица, за да го спречат ширењето на вирусот. Најпосле, тие би требале да го менаџираат процесот на безбедно отворање на границите, особено кога станува збор за држави кои уште не го ставиле ширењето на вирусот под контрола.

Но и сето тоа можеби не би било доволно. Неколку настани или лица кои би придизвикале т.н. „суперширење“ би можеле да претставуваат особен предизвик за справување. Сепак, ако Европа е успешна во оваа фаза од борбата против пандемијата, економските и општествените придобивки би можеле да бидат големи. Само вакцина или бенигна мутација на вирусот би осигуриле дека заканата од ковид-19 ќе помине. Дотогаш, „паметните карантини“ се најголемата надеж што ја имаме.