Како што се олеснуваат ограничувањата поврзани со физичкото дистанцирање на населението поради опасноста од ширење на коронавирусот, државите во светот веќе на големо размислуваат за воведување нови и експериментални методи за практикување интеракција меѓу населението, неопходна за да продолжи нормалниот живот во државите.
Во своја анализа на оваа тема, балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) пишува дека Белгија почнала експериментална програма наречен корона-меури, која всушност предвидува социјализирање на населението во точно определени групи наречени меури.

Белгискиот план предвидува комуникација меѓу една индивидуа и 4 други граѓани на земјата во кои се вбројуваат и членовите на семејството и пријателите.
– Од средината на овој месец па натаму, секој Белгиец во својот дом ќе може да прими единствено 4 лица како гости во својот дом – пишува весникот.
Медиумот наведува дека белгиската влада, која го почнала проектот има многу сличности со германскиот пристап на проблематиката, кој дополнително освен дозволениот мал број комуникации предвидува истите тие да се одржуваат во домовите на растојание од метар и половина.

„Гардијан“ пишува дека Шпанија со почетокот на наредната недела ќе дозволи групирање на нејзиното население во групи не поголеми до 10 члена, а дозволата ќе важи единствено за населените места што не биле подрачја каде што беше најактивна пандемијата на коронавирусот.
Американската телевизија Си-ен-би-си, пак, во свој прилог на темава вели дека општествените меури се практично новата фаза во олеснување на движењето на граѓаните и како термин сѐ почесто е користена од државите во светот.
Сепак, телевизијата додава дека нивното практикување во вистинскиот живот на населението сѐ уште е предизвик за властите на земјите.

Како пример се издвојува Нов Зеланд, кој откога драстично го намалил бројот на заразени луѓе преку овој метод, сега дозволува корона-меурите да се прошируваат и во нив да влезат и членови на поширокото семејство на луѓето.
Мајкал Тилдеслиј, норвешки професор на Универзитетот во Варвик, смета дека корона-меурите се разумна стратегија што во својата основа има етапно ослободување на движењето на луѓето, но таа подразбира и системска активност во која движењето на граѓаните ќе биде регистрирано од државата.
Во меѓувреме од македонска перспектива на случувањата, аналитичарот Милан Стефаноски вели дека планот за спроведување корона-меури, кој очигледно е тренд во светот, во нашата земја или во регионот ќе биде исклучително тежок за спроведување.

Аналитичарот додава дека дополнителен проблем во земјава би бил и кругот од 4 лица, бидејќи традиционалните семејства во регионот бројат и повеќе членови, а ако на тоа се додаде и ниското ниво на технолошки развој тогаш и самото следење на комуникациите би било проблем за земјата.

– Јас верувам дека дури и ако овој модел не би бил функционален од практични причини во Македонија, сепак ние не би требало да се откажуваме за да најдеме решение на состојбите и за да спроведеме своевидно олабавување на комуникациите, но со одредена доза претпазливост. Тука впрочем важат и истите правила како и за законите, бидејќи во Македонија не одговара просто препишување на закони од земјите од ЕУ, туку истите тие треба да се адаптираат на наши услови – резимира аналитичарот.

[email protected]