Утрото по кое светот дозна дека клиничките испитувања на вакцината против коронавирус на „АстраЗенека“ беа прекинати поради безбедносни причини, генералниот директор на компанијата откри дека лице што ја примило вакцината развило сериозни невролошки симптоми. Но забелешките не беа јавни. Наместо тоа, Паскал Сорио од „Астра Зенека“ зборуваше на затворен состанок организиран од инвестициската банка „Џеј Пи Морган“, пишува „Њујорк тајмс“.

„АстраЗенека“ завчера соопшти дека надворешна комисија го одобрила повторното почнување на тестирањето на вакцината во Велика Британија, но компанијата уште не дала детали за здравствената состојба на пациентот, а не објави ниту транскрипт од забелешките на Сорио од состанокот со инвеститорите, кои првично ги објави веб-сајтот СТАТ, а потоа ги потврди аналитичар од „Џеј Пи Морган“.

Уште еден кандидат во трката за вакцина „Фајзер“ објави слично штуро соопштение во саботата наведувајќи дека компанијата предлага проширување на нејзините клинички испитувања со зголемување на бројот на учесници за неколку илјади. Но компанијата даде малку детали за нејзиниот план, вклучувајќи и како ќе ја одреди ефективноста на вакцината во проширената студија.

Задржувањето на одредени информации за клиничките испитувања, додека тие не бидат завршени, е стандардно за фармацевтските компании, бидејќи тие ги штитат интелектуалната сопственост и конкурентноста. Но во ваква вонредна состојба, се појавува загриженост меѓу независните научници и експерти за јавното здравје кои се обидуваат да ги натераат компаниите да бидат поотворени за јавноста среде пандемијата.

Овие експерти велат дека американските даночни обврзници имаат поголемо право да дознаат одговори откако владата се обврза да вложи милијарди долари во истражувањето на вакцина и за купувањето на вакцини кога ќе бидат одобрени. Поголемата транспарентност би можела и да ја подобри довербата во вакцините која е во опаѓање, кога бројни Американци стравуваат дека претседателот Доналд Трамп би можел да изврши притисок врз регулаторите да ја одобрат вакцината пред да биде докажано оти е безбедна и ефективна.

– Има недостиг на доверба. А колку повеќе информации компаниите ќе споделуваат, толку ситуацијата ќе се подобри – смета д-р Харлан Крумхолц од универзитетот Јејл.

Минатата недела девет фармацевтски компании, вклучувајќи ги „Астра Зенека“ и „Фајзер“ ветија дека ригорозно ќе ги испитаат сите вакцини против коронавирусот, создавајќи невообичаен пакт меѓу конкурентите. Но, упатените велат дека во заедничката изјава недостасувало ветување за споделување на критичните детали во врска со истражувањето, со јавноста и со научната заедница.

 – Никогаш не сме имале толку важно клиничко испитување, или серија на испитувања во поновата историја. Се треба да биде транспарентно – вели д-р Ерик Топол, професор по молекуларна медицина и искусен експерт за клинички испитувања.

Ниту една од трите компании чии вакцини против коронавирус се во напредна фаза на тестирање во САД не ги обзнани протоколите и плановите за статистичка анализа за тие испитувања, наведува „Њујорк тајмс“.